Во организација на Хрватско-македонска тангента, на 16 декември во 19:00 часот, во Прес-центарот во Шибеник, во рамките на настанот „Во потрага по пишаниот збор“, ќе се одржи трибина насловена „Јазикот како идентитет: Мисирков и Гај“. Во рамките на панел-дискусијата, ќе се одржи и поетско читање на дела од шибеничките автори Никола Урукало, Едита Влахов, Душка Крниќ, Динко Шкевин, Синиша Костелец и Златомир Вујко. Нивните песни беа објавени неодамна во престижното списание за литература, драма, филм и издаваштво „Современи дијалози“ (Битола) и преведени на македонски јазик. Преку Хрватско-македонска тангента, шибеничките поети беа вклучени во друштвото на светски автори, што дополнително го препозна и вреднуваше нивниот креативен придонес на меѓународната книжевна сцена. Главен уредник е проф. д-р Данијела Андоновска- Трајковска, а песните на македонски јазик ги преведе писателот Борче Панов.

Трибината ќе се осврне на клучната улога на јазикот во обликувањето на културниот и на националниот идентитет низ призмата на двајца истакнати лингвисти – Крсте П. Мисирков и Људевит Гај. Панелот ќе го модерираат Милена Георгиевска, педагог и новинар, и Едита Влахов, наставничка и поетеса, кои ќе дискутираат за нивниот придонес во развојот на македонскиот и на хрватскиот јазик, како и за поширокото значење на јазичната политика во контекст на идентитетот и на културното наследство.

Иако работеле во различни времиња и политички контексти, Мисирков и Гај одиграле клучна улога во обликувањето на националните јазици на своите народи. Додека Гај успеал да го стандардизира хрватскиот јазик во рамките на илирското движење, Мисирков го отворил патот за подоцнежната кодификација на македонскиот јазик, и покрај политичките пречки.

Покровител на настанот е Советот за национални малцинства на Република Хрватска. (М. Г.)

 

ИЗДВОЕНИ