„Горди сме и задоволни од тоа како се претставивме на натпреварот во Бијељина. Ова и за мене беше прво вакво искуство, бидејќи бев повикана да бидам и во жирито на фестивалот. Истовремено остваривме дополнителна соработка со колегите од другите држави“, вели за весникот ВЕЧЕР, Лилјана Трајковска-Димевски, диригентката на хорот „Стив Наумов“ од Битола. Таа додава дека добрата соработка со членовите на хорот, како и посветеноста, се и главната причина за нивниот успех     

 

Битолскиот мешан хор при КУД „Стив Наумов“ со три златни медали се врати од Бијељина, БиХ, Република Српска, каде по 24. пат, од 9 до12 мај, се одржа меѓународен хорски натпревар. Македонските претставници се покажаа во најдобро светло, освојувајќи ги највисоките награди на хорскиот фестивал „Мајски музички свечености“ на кој учествуваа преку 40 хорови од различни категории.

Според диригентката и професор по хорско диригирање Лилјана Трајковска-Димевски, искуството од овој натпревар е извонредно, и како што вели, сè уште се под импресии од настапот.

„Горди сме и задоволни од тоа како се претставивме. Ова и за мене беше прво вакво искуство, бидејќи бев повикана да бидам и во жирито на фестивалот. Истовремено остваривме дополнителна соработка со колегите од другите држави. Нивниот впечаток за ансамблот „Стив Наумов“ од Битола, е дека е на едно високо ниво и дека е осовремен и со материјал и техника на работа“, вели Трајковска-Димевски. Таа истакнува дека добрата соработка со членовите на хорот, како и посветеноста, се и главната причина за нивниот успех.

„Во Бијељина се натпреварувме во две категории, за православна музика, каде освоивме 98 поени и таму бевме со 7 други хорови, а се натпреварувавме и во категорија на мешани состави, каде освоивме 98,57 поени. Тоа се многу високи поени со кои сме рангирани на листата на жири-комисијата. Во категоријата на мешани состави, исполнивме и едно современо дело за кое исто така бевме наградени. Тоа е од големо значење и за мене, затоа што сме го промениле репертоарот и притоа хористите одлично успеале да се снајдат и тоа за кратко време за кое сè е подготвено“, додава Трајковска-Димевски.

Инаку, нивните настапи се одржаа во црквата „Пресвета Богородица“ и во салата на „Соколски дом“ во Бијељина.

Ова е првпат хотрот во својата повеќедецениска историја на постоење на еден натпревар да освои три награди во две различни категории, во конкуренција со хорови од целиот Балкан.

Инаку, на прашањето каков е репертоарот кој хорот го изведува на своите настапи, Трајковска-Димевски вели: „Во однос на репертоарот секогаш се приспособуваме според критериумите на фестивалот и барањата на натпреварите.  Во репертоарот имаме широк дијапазон на програма, од православна и современа музика, како и музика од македонски композитори. Сега подготваме кантата од Карл Орф „Катули Кармина“ заедно со Камерниот битолски оркестар со која годинава ќе се отвори “Интерфест“. Тоа е исто така голем залак за хорот, но ние сме амбициозни да го подготвиме делото и да го донесеме на највисоко ниво пред публиката“, посочува Трајковска -Димевски.

Инаку, хорот брои околу 40 членови, при што, недостауваат машки гласови, но и во случајов, додава Трајковска-Димевски, сите членови се амбициозни и посветени. Еден од настаните на кои хорот исто така ќе учествува е меѓународен хорски фестивал „Тетовски хорски одѕиви – Техо“, кој ќе се одржува од 27 до 29 јуни.

„Подготвени сме секогаш за настапи и во меѓувреме го подготвуваме материјалот за да можем да излеземе во пресрет на секое барање“, додава Трајковска -Димевски.

Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола минатата година го одбележа својот 80-годишен јубилеј. Тоа е најстарото друштво во државата, формирано два дена по ослободувањето на Битола, на 6 ноември 1944 година, а првиот диригент бил Тодор Скаловски. (Д.Т.)  

ИЗДВОЕНИ