По повод Светскиот ден на детето, на 20 ноември од 11:00 и од 12:00 часот, во ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде прикажана претстава „Три“, прва професионална претстава на знаковен јазик за деца. Автор и режисер е Јован Ристовски, а ликовите ги толкуваат Сандра Грибовска (Лила), Маја Андоновска-Илијевски (Розе), Анастазиа Христова (Синка) и Никола Пројчевски (Ѕвонко Бонбонко). Тутор по знаковен јазик е Сузана Станоевска.
– Претставата четири години е активна на македонската сцена, со цел да им понудиме на децата што ѝ припаѓаат на глувонемата заедница да уживаат во театарската уметност на својот мајчин јазик, односно македонскиот знаковен јазик, но, исто така, и за другите деца, кои имаат можност, преку актерската интеракција, да ја научат знаковната македонска азбука. Во претставата, актерите паралелно зборуваат и интерпретираат на македонски знаковен јазик. Претставата има дидактички карактер, во кој децата во интеракција со актерите ја учат знаковната македонска азбука – велат од продукцијата „ATO Центар Битола“.
Главна тема во претставата е современата еколошка катастрофа што ѝ се заканува на нашата планета. Трите самовили, Розе, Лила и Синка, кои ја надминуваат јазичната бариера меѓу јазикот на тишината и говорниот јазик на Ѕвонко Бонбонко, стануваат пријатели и заедно се обидуваат да го исчистат расфрланиот отпад што се наоѓа насекаде. Нивната мисија е да го сортираат отпадот и да го стават во соодветни канти за рециклирање, со цел живеење во здрава средина со чист воздух, чиста вода за пиење и чиста почва за одгледување здрава храна.












