Македонскиот филм долги години беше во криза, но успеавме да излезе од таа криза. Со ребалансот на буџетот за оваа година обезбедивме дополнителни 145 милиони денари, што ќе биде многу повеќе од двојно од она што го имаше филмот во првата половина од годината, соопшти неодамна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Тој посочи дека со законска измена, од следната 2026 година три проценти од игрите на среќа ќе одат директно во македонскиот филм.
– Што значи дека за трипати ќе се зголеми буџетот за филм од 2026 година. Мислам дека тоа ќе ни даде поголема комоција и во делот на креативноста. Тие средства нема да одат само за македонскиот филм туку од следната година ќе отвориме и конкурс за серии, што значи дека Агенцијата за филм ќе поддржува и серии. Тоа е договорот што го потпишавме претходната година со „Еуримаж“, дополнителни средства, некаде околу 450 илјади евра котизација и учество за снимање македонски серии – рече Љутков.
Тоа, како што истакна, е новост и придобивка за македонскиот филм и за македонските серии.