За неколку дена 79 годишен осуденик на куќен затвор ќе почне да ја извршува казната од дома, носејќи на глуждот од ногата електронска алка преку која полицијата ќе може да го следи. Веста предизвика интерес во јавноста бидејќи се работи за прва ваква пресуда која ја изрече Основниот суд во Велес за сторено кривично дело полово вознемирување. Осуденикот алката ќе ја носи три месеци, толку судијата му одредил казна домашен затвор. Во текот на денот, осуденикот ќе има право да излезе од домот на два часа да заврши некоја работа, а остатокот од денот треба да го поминува дома.
-Имаме инсталирано уреди, опрема и софтвер со кој ќе го следиме, дали ќе се придржува на правилата. Доколку е надвор од домот или во периметар надвор од дворот на куќата, добиваме сигнал. Освен алката која ја носи, се поставува и телефонски уред со сим картичка кај него дома, му звониме и ако не се јави по вториот повик, се јавуваме во полиција да го приведат, објаснува директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов кој најави дека ќе следи уште една ваква пресуда со домашен затвор од битолскиот суд, а со алка ќе дојде и осуденик од странство кој треба да биде преземен од македонските власти.
Самата алка е водоотпорна и изгледа како поголем часовник. Во куќата на осуденикот властите инсталираат приемник, кој детектира сигнали од алката во одреден опсег. Кога следениот ќе ги користи слободните два часа во текот на денот, опсегот на уредот може да се прошири за да вклучи дел или целиот град или регион каде што живее. GPS навигацискиот систем ќе утврди каде се наоѓа лицето и ќе ги пренесе информациите за неговите движења до централниот сервер. Во европските земји, на осудените луѓе им е дозволено да го напуштат домашниот затвор преку ден и да одат на работа, ваквите системи можат да го понудат најдиректниот пат до работа и назад во затвор-дома. Ако следениот ги пречекори своите граници, алката може да почне да вибрира во знак на предупредување.
Во моментов Управата располага со 100 активни електронски алки кои чекаат пресуди од основните судови. Пандов ги охрабрува судиите да ги користата алтернативните мерки за стари и изнемоштени лица, бремени жени, мајки со мали деца, тешко болни. Околу 60-на осуденици имаат аплицирано за оваа мерка, а од Управата велат дека во резерва има уште 300 неактивирани алки.
-Во иднина ќе разговарам со претседателите на кривичните судови особено онаму каде што имаме пробациски канцеларии, а тоа се 11 судови, дека треба да се зголеми пробацијата и условните осуди со заштитен надзор, ете има и нови можноста да судат и куќен затвор, на крајот се сведува на судските одлуки, вели Пандов.
Во Македонија многу ретко се практикува алтернативната мерка, општокорисна работа, која меѓудругото значи осудените да бидат ангажирани во собирање на отпад кој последниот период претставува горлив проблем на метрополата.
Во моментов во македоснските затвори казна издржуваат околу 2200 осуденици, што е за 100 повеќе од капацитетот на сместување. Неодамна директорот Пандов рече дека еден затвореник ја чини државата 1000 евра месечно. Изрекувањето на алтернативните мерки ќе ја намали пренатрупаноста, ама и трошоците за затворениците. Судиите треба да имаат добра проценка кај кои осуденици мерката ќе допринесе да не го повторат делото. Во некои европски земји мерката често се практикува кај фудбалските хулигани кај кои алката би сигнализирала ако се приближат до стадион. Сепак, овие осуденици освен алката на ногата, треба секогаш да ја имаат и во „главата“.(П.А.)