Со романот „Три Марии“ од македонската писателка Оливера Ќорвезироска како книга на месецот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје започнува четвртиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“. Разговорот со авторката ќе се одржи в среда (3 септември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.

Во рамките на кампањата што започна во септември 2022 досега беа претставени вкупно 24 современи македонски автори и исто толку дела, а самиот проект, низ трите препознатливи фази (книга на месецот, разговор со авторот и клуб на

читатели) значително го зголеми интересот за современата македонската книжевност низ сите библиотеки од мрежата на ГБСК, па и пошироко.

Во четвртиот циклус од „Читаме современи македонски автори, предвидени се осум автори и дела. Книгата за месец септември е „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (издание на Арс Ламина), добитник на Рациновото признание за 2025 година. Ова е трет роман за возрасни на Ќорвезироска по претходните два „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, кој не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело.

„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов, својата или туѓа.

Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него.

Разговорот со Ќорвезироска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Инаку, „Читаме современи македонски автори“ во 2024 беше прогласена за Промотор на читачката култура од страна на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

ИЗДВОЕНИ