Три сестри, на возраст од 9, 11 и 17 години, се удавија кога гумениот чамец во кој се наоѓаа се преврте во Средоземното Море помеѓу Либија и Италија, соопшти денес германската хуманитарна организација за спасување на море RESQSHIP.
Телата на сестрите беа пронајдени во чамец кој беше „опасно пренатрупан“ и изложен на бранови високи до 1,5 метри пред да пристигнат спасувачите, објави Ројтерс.
Меѓу 65-те лица спасени од бродот „Надир“ на организацијата беа три бремени жени, деца и седуммесечно бебе.
Едно лице падна во морето за време на несреќата и сè уште се води како исчезнато, се вели во соопштението.
Организацијата не даде информации за националностите на девојчињата кои загинаа.