Три големи и една средна банка ги намалуваат надоместоците за граѓаните и за компаниите, соопшти гувернерот Трајко Славески. Како што посочи тој, граѓаните се известени, а колкаво е намалувањето, зависи од секоја банка и не е изедначено. Се очекува и другите средни банки да го направат ова, но и оние помалите.
Според Славески, намалувањето е особено значајно за извршување на плаќањата на клиентите преку интерните системи на банките, како и преку платните системи каде што плаќањата се извршуваат меѓу банките во реално време во текот на денот.
– Банките сè повеќе почнуваат да ги нудат бесплатно плаќањата што се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи. Забележуваме надолна корекција на висината на надоместоците кај една од банките и кај повлекувањето готовина на шалтерите на банката, како и кај другите услуги поврзани со плаќањата во готовина, преписи на документација и издавање потврди – истакна гувернерот.
Тој најави дека Народната банка ќе поведе иницијатива за измени на законското решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. На граѓаните ќе им се овозможи дозволено пречекорување, што моментно не е случај и не ќе мораат да ги затвораат другите платежни сметки во денари за да ја користат платежната сметка со основни функции. Народната банка предлага цената на услугите што ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции, да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата и да биде утврдена на најмногу 0,1 отсто од неа и, согласно со важечката минимална бруто-плата за 2025 година, би изнесувала 36 денари месечно. Се предлага граѓаните од ранливите категории да ги добиваат услугите бесплатно.