Официјални лица од Данска, Холандија и Шведска денес изјавија дека сакаат нивните земји да учествуваат во планот на американскиот претседател Доналд Трамп Европа да купува американско оружје и да го доставува до Украина, објавија медиумите.
Трамп вчера изјави дека САД ќе продаваат оружје, вклучително и ракети „Патриот“, на земјите од НАТО за да можат да ги доставуваат до Киев, објави агенцијата „Укринформ“.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен им изјави на новинарите во седиштето на Европскиот совет во Брисел дека неговата земја е подготвена да купи американско оружје за потребите на Украина, објави украинската агенција.
Тој рече, како што објави „Дојче веле“, дека Данска дава најголема поддршка на Украина по глава на жител, па затоа Копенхаген, во согласност со тој модел, е подготвен да го преземе овој чекор.
Данскиот модел е механизам за директна поддршка на украинската одбранбена индустрија, а како што изјавија од данското Министерство за надворешни работи, откако Русија го започна нападот врз Украина, Копенхаген издвои околу девет милијарди евра воена поддршка и 867 милиони евра за цивилна помош.
Расмусен објасни дека иако Данска нема свои ракетни системи „Патриот“, нејзината влада треба да обезбеди пари за нивно купување.
Според него, новите пораки на Трамп за Русија и Украина се „многу значајни во однос на испораките на оружје и прифаќањето на политиките за санкции“.
Во меѓувреме, шефот на холандската дипломатија, Каспар Велдкамп, изјави дека Холандија, исто така, размислува за учество во шемата на Трамп, со „позитивна ориентација“.
Шведска, исто така, изрази подготвеност да придонесе во напорите за зголемување на испораките на оружје за Украина.
„Ја поздравуваме одлуката на САД да дозволи заострување на санкциите кон Русија и да го отвори патот за испорака на ракетни системи „Патриот“ и друго оружје во Украина. Шведска ќе го даде својот придонес“, рече министерот за одбрана на земјата, Пал Јонсон, но не ги прецизираше деталите за оваа поддршка.
Според „Укринформ“, германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, изјави дека неговата земја би можела да купи системи „Патриот“ од САД, а потоа да ги пренесе во Киев.