Како сцена од хорор-филм, Скопје утринава повторно беше обвиено со бел чад, како да има магла. Граѓаните ги разбуди непријатна миризба. Тие на социјалните мрежи споделуваат фотографии за тоа на што наликува нашиот главен град. – Не е сцена од хорор-филм, реалност е. Скопје деновиве е гасна комора вклучена на најјако. Во случај да не знаете како изгледа смртта, еве баш вака – коментираат скопјани. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата и надлежните институции работат на решавање на проблемот, а најави  дека во депонијата „Дрисла“ влегува и полицијата. Аеродромци продолжуваат со протестите, а од „О2 иницијатива“ ги повикуваат граѓаните да се потпишат на петицијата „Дрисла“ да остане во јавно владеење на Град Скопје, а идните кандидати за градоначалник на Град Скопје да се обврзат на ова и да започнат инвестирање во трансформирање од една застарена, нестандардна депонија во современ центар за управување со отпад, по пример на Љубљана, каде помалку од 5% од отпадот се депонира и дека нема да формираат јавно-приватно партнерство за управување со „Дрисла“. Според информациите од Центарот за управување со кризи, денескаа имало активен пожар и на депонијата во Општина Шуто Оризари

 

 

Како сцена од хорор-филм, Скопје утринава повторно беше обвиено со бел чад, како да има магла. Граѓаните ги разбуди непријатна миризба. Тие на социјалните мрежи споделуваат фотографии за тоа на што наликува нашиот главен град.

– Не е сцена од хорор-филм, реалност е. Скопје деновиве е гасна комора вклучена на најјако. Во случај да не знаете како изгледа смртта, еве баш вака – коментираат скопјани.

Граѓани од Ново Лисиче, пак, додаваат дека во услови на токсичен воздух денес учениците од оваа населбата одат во училиште, а малите дечиња се носени во градинка.

– Гледам некоја магла и има тежок мирис. Што вдишуваме, само Бог знае. Гледам на потегот од Усје преку Аеродром до Гази Баба е најзагаден воздухот. И по  четири години и сегашнава власт не го реши овој огромен проблем. Како ќе се тера зимава? – прашуваат граѓаните.

Тие  додаваат дека е време да се крене гласот и да се каже оти е доста со труење, со игнорирање.

– Доста со затворени очи пред нашето страдање – децидени се граѓаните.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче  Ангелов,  уверува дека не станува збор за чад туку за магла.

–Има и во повеќе други делови од државата, односно насекаде каде што е вообичаено во овој период од годината. Очекувам оваа магла да исчезне за неколку часа, а најверојатно и побрзо – тврди Ангелов.

Тој, сепак, потврди дека чадењето од депонијата „Дрисла“ е  сè уште присутно, но во многу помал обем, за потоа да информира дека постојат сомневања дека некој повторно во четвртокот околу 21 часот ја потпалил депонијата „Дрисла“.

– Депонијата „Дрисла“ е со површина од 85 хектари, заграден е само  влезот, додека останатиот дел е необезбеден. Има повеќе камери, но се сомневам дека се функционални. На тој начин оваа депонија е лесно достапна за потпалувачи –  изјави денеска Ангелов.

Додаде дека денеска продолжило затрупувањето и на двете депонии и дека била ангажирана побројна механизација.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека Владата и надлежните институции работат на решавање на проблемот, а најави дека во депонијата „Дрисла“ влегува и полицијата.

– Како Влада и институции ги преземаме сите мерки, да немате дилема. За „Вардариште“ имаме осомничени лица, кои се приведени и за кои се покажа дека ја користеле илегалната депонија да произведуваат метали, за подоцна нелегално да ги продаваат. Таму веќе има приватно обезбедување ангажирана од неколку општини, обезбедивме градежна механизација и ќе биде во полн состав, останува „Дрисла“– информираше Мицкоски.

За „Дрисла“, тој рече дека таа била санирана завчера, но од некои, како што нагласи, чудни причини, пред крајот на ноќта повторно се распламтила и оти таму ќе влезат претставници од МВР.

– На линија сме со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, и очекувам проблемот да биде саниран. Јас сочувствувам со секој граѓанин кој го чувствува сето ова, но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има Демократската унија за интеграција се случуваат вакви работи. И тоа ќе го истражиме, и ќе обезбедиме соодветни докази, како пожар кој беше ставен под контрола, одеднаш повторно да се распламти. И како сега, кога успешно се справивме со пожарите, и покрај диверзиите, одеднаш да се случува повторно, сега, пред локалните избори. Вистинското прашање е кому сето ова му одговара. Ќе се занимаваме со ова прашање и сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата – рече Мицкоски.

Од јавното претпријатие „Дрисла“ денеска се огласија со соопштение во кое наведуваат дека оваа депонија е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку со автоклав стерилизира и компримира, со што од неа нема никаква можност за загадување.

– Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат во согласност со техничко-технолошкиот проектиран процес имајќи ги предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постојните законски прописи – велат од ЈП „Дрисла“.

Оттаму апелираат до Министерството за внатрешни работи да пристапат кон истрага за изнаоѓање и санкционирање на потпалувачите на пожарите, за кои, како што велат, се сомневаат дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми.

– Депонијата „Дрисла“ без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди – тврдат од јавното претпријатие.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека поради пожарот кој избувна на депонијата „Дрисла“, на 9 септември бил извршен вонреден инспекциски надзор од страна на државниот Инспекторат за животна средина по пријава од полициската станица – Гази Баба.

Оттаму нагласуваат дека инспекцискиот надзор бил извршен од страна на овластени инспектори од СВР Скопје ЕЕКК и дека на местото биле присутни директорот на ЈП „Дрисла“, надлежно лице за животна средина, како и други вработени во јавната установа. Притоа, додаваат дека во согласност со дозволата А-ИСКЗ која ја поседува ЈП „Дрисла“, бил изготвен извештај во врска со настанот и преку електронска пошта испратен до Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина.

– Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП „Дрисла“ достави и извештај од мониторинг-станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот – наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Министерот за здравство, Азир Алиу, пак, им препорача на скопјани да не се движат на отворено, ако немаат потреба. Нагласи дека загадувањето овие два дена не предизвикувало проблеми по здравјето на граѓаните.

Со  оглед на непроменливата состојба со загадениот воздух, Аеродромци и понатаму повикуваат на протест во 18 часот пред мостот „Близнаци“.

Од  „О2 иницијатива“ ги повикуваат граѓаните да се потпишат на петицијата „Дрисла“ да остане во јавно владеење на Град Скопје, а идните кандидати за градоначалник на Град Скопје да се обврзат на ова и да започнат инвестирање во трансформирање од една застарена, нестандардна депонија во современ центар за управување со отпад, по пример на Љубљана, каде помалку од 5% од отпадот се депонира и дека нема да формираат јавно-приватно партнерство за управување со „Дрисла“.

– Се угушивме од чадовите на запалени депонии! Доста ни е од застарен начин на постапување со отпадот каде само со трупа во депонии. Премиерот Мицкоски изјави дека повторно ќе направат јавно-приватно партнерство, како претходно, кога „Дрисла“ беше дадена на мафијашите Италијанци во време на Коце Трајановски. За девет години ништо не направија од наведеното во тендерот. Градот Скопје имаше само 20% од сопственоста над „Дрисла“. Премиерот нагласува дека ќе имало јавен тендер, со јасни критериуми, божем нешто различно овојпат. И тогаш имаше јавен тендер со јасни критериуми и беше избрана оваа сомнителна фирма и тоа два пати, а германската компанија „Шолц“ со години го оспоруваше доделувањето на тендерот. Не, доста ни е од лоши практики, неуспешни управувања и мафијашлук. Доста е чекање, доста е некој друг да направи – децидни се од „О2 иницијатива“.

Тие нагласуваат дека чистиот воздух, здравата животна средина, безбедноста на граѓаните на Скопје мора да бидат приоритет, додека државата и градот заедно со општините од Скопскиот Регион имаат одговорност за обезбедување на одржлив, современ и сигурен систем за управување со отпад.

Зелената партија ДОМ, како дел од „Коалицијата за зелена иднина“, ја поддржува петицијата на „О2 иницијатива“ и ги повика сите граѓани да ја потпишат. Од „Зелен хуман град“, пак, се со јасен став дека веќе не смеат да постојат депонии во Македонија.

И од паријата Левица велат дека јавно-приватно партнерство нема да донесе подобрување, туку ќе донесе само приватен профит на штета на граѓаните.

Во  четвртокот доцна попладнето Владата донесе  конечна одлука за забрана за движење на територија на депонијата „Вардариште“, како итна мерка во насока на справување со пожарот.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, денеска избувнал пожар и на депонијата  во Општина  Шуто Оризари.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ