Авиони со хуманитарна помош, заедно со американски хеликоптери, пристигнуваат денес во Јамајка, три дена откако ураганот Мелиса го погоди карипскиот остров како еден од најмоќните урагани некогаш регистрирани.
Во нападот на ураганот настрадаа 19 лица.
Тринаесет товарни авиони со хуманитарна помош слетаа на аеродромот „Кингстон“, кој е во функција од вчера, а помош пристигна и со комерцијални летови и бројни приватни авиони, соопштија локалните власти, додавајќи дека се очекуваат повеќе од 20 товарни авиони во текот на денот, пренесе „Бета“.
Сите три меѓународни аеродроми на островот ќе продолжат да работат до утре наутро, и за хуманитарни и за комерцијални летови.
Јамајка, исто така, ќе добие засилување од осум до десет хеликоптери од американската влада, големи хеликоптери способни за транспорт и лекување на пациенти во неволја, како и транспорт на големи количини хуманитарна помош, соопштија властите.
Ураганот Мелиса, кој одзеде речиси 50 животи, опустоши цели региони на Јамајка и ја поплави Куба. Сега брзо се оддалечува од Бермудите по неколкудневните удари врз Карибите.
Ураганот беше најмоќниот што стигна до копното во последните 90 години кога ја погоди Јамајка во вторникот како бура од категорија 5, најсилната на скалата Сафир-Симпсон, со ветрови од околу 300 километри на час.












