Унгарскиот премиер Виктор Орбан остро го критикуваше новиот царински договор меѓу Европската Унија и САД, нарекувајќи го „ужасен економски договор“ и „економски автогол“ за Европа.
– Не е само тоа што направивме лош договор, бидејќи сите европски стоки што се извезуваат во САД ќе бидат оданочени со царина од 15 проценти, додека американските стоки што доаѓаат во Европа нема да подлежат на царини. Исто така, се обврзавме да исполниме услови што очигледно не можеме да ги исполниме. Ова значи дека не ги решивме царинските спорови, туку ја изгубивме првата битка – рече Орбан во интервју за Радио Кошут, објави МТИ.
Унгарскиот премиер, исто така, нагласи дека новиот договор вклучува финансиско учество на ЕУ во снабдувањето на Украина со американско оружје.
– Никој не ме праша за тоа. Не е донесена никаква европска одлука со која се одобрува ова. Ако сакаме договор со Американците за Украина, тој мора да биде посебен, а не тајна клаузула во царински договор – нагласи Орбан.
Орбан изјави дека унгарската влада ќе развие акциони планови за заштита на домашните работни места и производство, во светлината на новите услови што доаѓаат со трговскиот договор.
Унгарија претходно го критикуваше договорот меѓу ЕУ и САД, тврдејќи дека е штетен за интересите на европската индустрија, вклучително и Унгарија.