Трговците нема да се богатат на грбот на земјоделците и на граѓаните, но цените на земјоделските производи и понатаму ќе бидат високи. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека се следи однесувањето на трговците и дека за дел од нив има одредени прекршочни постапки, за кои јавноста ќе биде информирана деновиве.
– Преку Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција, секојдневно го следиме однесувањето на трговците и убеден сум дека во наредниот период ќе биде сведено таквото однесување на минимум – изјави Мицкоски.
Тој потврди дека прекупците во државата имаат голема заработувачка. Точно е дека трговците ставаат висока маржа, но, исто така, и дека земјоделските производи како ајварката, зелката, грозјето… годинава имаат историски највисоки цени.
– Тоа покажува дека и земјоделците имаат бенефит. Односно, ако се споредат податоците за трошоците за производство на земјоделските производи, кои се зголемени за над 2 отсто, а цената по која ги продаваат тие производи е зголемена за 12- 13 отсто. Тие го продаваат својот производ директно во маркетите или на трговците. Порано, состојбата беше поинаква, некои политички елити, во соработка со одредени трговци, свесно ја држеа ниска цената по која земјоделците ги продаваа своите производи и делеа половина-половина со земјоделците – изјави Мицкоски.
Според него, и понатаму земјоделските производи ќе имаат високи цени на полиците во маркетите, но она што охрабрува е дека се намалува инфлацијата.
– Во август, во однос на јули, на месечна основа имаме -7 отсто инфлација и очекувам да продолжи тој тренд. Секој месец го следиме однесувањето на трговците, преку контролите на Државниот пазарен инспекторат и очекуваме да се промени ваквото однесување – појасни премиерот.
Дека закрепнува економијата, покажуваат и податоците на Државниот пазарен инспекторат, според кој, во јули, трговијата во индустријата била зголемена за 13 до 14 отсто, споредено со тој месец лани.
Премиерот дополни дека трговијата во индустриската размена со странство е зголемена и за над 15 отсто. Според него, ова е добар показател со оглед на тоа што јули е прв месец од третиот квартал и оти трендот на раст, кој започна на почетокот од годината, ќе продолжи.
– Она што е забележливо, за мене, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размената со странство, е дури и повеќе зголемена отколку трговијата во индустријата дома. Зборувам за повеќе од 15 отсто. И тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку многу зголемена трговија во индустријата. Тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2 отсто раст на БДП, во вториот 3,4 и очекувам да продолжи тој раст во текот на годината. Ова се индикатори кои ние со години наназад не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а не да коментираме за нив– рече Мицкоски.
Инаку, Статистика пред два дена објави дека цените во земјоделството во август 2025 година, споредени со цените во август 2024 година, забележале зголемување и кај аутпутот и кај инпутот.
Во делот на трошоците (инпут), во август 2025 година, во споредба со август 2024 година, имало зголемување кај тековно потрошените средства во земјоделството, од 2,3 отсто и зголемување од 5,7 отсто кај средствата наменети за инвестиции во земјоделството.
Во делот на пласманот на земјоделските производи (аутпут), во август 2025 година, во споредба со август 2024 година, цените на растителното производство биле зголемени за 14,2 отсто, а оние на добиточното производство биле зголемени за 6,5 отсто.
(А. С.)
–