петок, февруари 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во месарниците килограм јагнешко 1.200 денари, а овчарите добиваат едвај 300 денари

Во месарниците килограм јагнешко 1.200 денари, а овчарите добиваат едвај 300 денари

Сточарите бараат повисока и фиксна откупна цена на јагнето и крај на манипулациите со препродажба на црно. Додека јагнешкото во месарниците се продава по 1.200 денари, тие работат со загуба, бидејќи откупната цена од 270 денари за килограм не ги покрива трошоците за производство. Поради тоа, апелираат редовно да се исплаќаат субвенциите за да може да ги прехранат овците и да ги зачуваат стадата

78

Овчарите бараат зголемување на откупната цена на јагнето и крај на манипулациите од страна на трговците. Откупувачите ги откупуваат јагнињата по пониска цена, а потоа ги продаваат на црно по далеку повисока. Во малопродажбата, цената на килограм јагнешко достигнува 1.200 денари, а овчарите не можат да постигнат откупна цена од 300 денари. Овчарите се револтирани и поради каснењето на субвенциите, поради што, како што велат, стадата се празнат, а сточарството полека замира.

– Ние бараме откупната цена на јагнето да биде константна од почетокот до крајот на откупот, односно од јануари до јуни. Трговците ги лажат сточарите јагнето пред Велигден го откупуваат по многу ниска цена, а потоа го продаваат на црно по многу повисока цена. Не е фер некој да си игра со трудот и со маката на сточарите кои се борат да ги прехранат стадата во услови кога субвенциите доцнат или не се исплаќаат. Ние бараме зголемување на откупната цена од 270 на 300 денари за килограм жива мера, бидејќи во месарниците цената на јагнешкото веќе се качи на 1.200 денари за килограм, изјави за весникот ВЕЧЕР, Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.

Тој додава дека поради тоа што трговците не го носат јагнето во кланици, туку го препродаваат на црно, не можат да ги земат ниту субвенциите кои им следуваат за предадено јагне во регистрирана кланица.

Сточарите очекуваат, пред Велигден, поголем дел од македонското јагне да се извезе во Италија, а помал дел во Хрватска. На овие пазари, цената на јагнешкото достигнува и 30 евра за килограм.

– Високите цени на храната, ниските откупни цени на месото и на млекото и доцнењето на субвенциите придонесоа да се намали сточниот фонд во државата. Така, од 650 илјади, сега имаме само 250 илјади овци, што е намалување за околу 70 отсто. Сточарите ги продаваат стадата и ако во следните неколку години не се преземат сериозни мерки за зачувување на сточниот фонд, сточарството ќе изумре, вели Џемаили.

Според него, субвенциите се неопходни за да можат да ги зачуваат стадата во услови кога оние за оставено женско јагне се укинати.

– Субвенциите за оставено женско јагне не се само за зголемување на бројот на овци туку и за задржување на постојните стада. Младите јагниња ни се потребни за обновување на стадата и за зголемување на продуктивноста, односно на приносите на млеко, велат сточарите.

Во последниве 15 години, во државата нема ниту еден нов сточар, а старите масовно ги продаваат стадата. Во селата каде што се одгледувале по 8.000 овци, сега нивниот број е намален на 100 до 150 овци. Сточарите велат дека не го губиме само сточарството како гранка, туку и македонското јагне и македонското овчо сирење, кои се препознатливи по својот квалитет во земјите од регионот.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ