Трезорот работи, работите се извадени од контекст. Нема простор за паника, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска, по објавите дека се затвора трезорот на 15. месецов поради немање прилив и дека ќе бидат стопирани сите исплати.
– Не сме го заклучиле трезорот. Ова прашање го следам деновиве и излезе од контрола. Не можам да ги разберам, особено да доаѓа од опозиција, која наместо да се средува во своите сопствени редови, до вчера беше власт и знае како функционира трезорот. Трезорот работи. Друго е рокот што сме им го дале на институциите да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи секоја институција да ги достави налозите до 15. за да може да се организираме и за да се следи исплатата со 31 декември – истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа напомена дека има упатство според кое налозите стојат во трезорот по 15 дена заради дополнителните проверки, а, исто така, има и даночен календар, според кој има одредени денови од месецот кога се собираат даноците и нема логика да се затвори трезорот ако се собираат даноците до 25. во месецот.
– Напротив, имаме приливи и ги планираме одливите. Не знам зошто се вадат сите работи од контекст. Пред почетокот на овој месец, имаше коментари дека и пензиите нема да се исплатат навреме, па гледате дека пензиите се исплатија навреме. Сето она што стигнува во трезорот како налози, се исплаќа навремено – нагласи Димитриеска-Кочоска.
Појасни дека ќе се примаат налозите до 15. во месецов, што не значи дека ако задоцни некој, дека нема да биде примен налогот.
– Многу е несериозно да се каже трезорот затвора. Трезорот ги прибира налозите со цел подобро да се организира до крајот на годината. Како ќе затвориме, клуч ќе ставиме на Министерството и ќе одиме на зимување?! Не е така, трезорот ќе си работи до 31., и тоа е вообичаено. Трезорот е единствениот сектор во Министерството што останува до седум-осум часот. Имало години кога работел трезорот до 23:00 часот – рече Димитриеска-Кочоска.
Во однос на информациите дека се доцни со исплатата на социјалните трансфери, министерката за финансии тврди дека во трезорот не стојат налози за исплата.
– Доколку има задоцнување, тогаш тоа е во ресорните институции при подготовката на налозите. Од она што го имав добиено како податок од Министерството за социјална политика, беше дека имаат нови потпишани решенија што чекаат да се стават во систем и да почне исплатата наеднаш. Тогаш да проверите, во рамките на самите министерства, решенија што не се потпишувале од септември бидејќи сме биле во избори, така што не станува збор за тоа дека не исплатил трезорот. Во петокот имавме исплата на три милијарди, од кои две милијарди и 400 се само блок-дотации за образование, каде што е вклучена и исплатата на К-15 – рече Димитриеска-Кочоска.
Тврди дека буџетот е во одлична кондиција и дека нема да останат обврските несервисирани. Вели, сè тече во рамките на предвиденото и дека ништо не е поразлично од претходните години.
– Ќе го видите тоа до крајот на годината. Пред боговите, и фактите молчат. Ќе дојде 31 декември, ќе се видиме повторно, ќе видиме каква е реализацијата – рече Димитриеска-Кочоска.
Прашана за кратењето средства за ретки болести, Димитриеска-Кочоска вели дека сè што побарале институциите од Министерството за финансии, е реализирано.
– Секоја од институциите си добива лимит, а како ќе го распредели лимитот внатре, одлучува сама. Ние имавме донесено буџет како предлог од Министерството за финансии на Владата. Одделни министри си побараа: не оваа ставка, вратете ми таму, ставете ваму. Кој што побарал во рамките на лимитот, така му е реализирано. Јас не можам да одговарам на прашањата зошто е скратено за ретки болести. Самите министри одлучуваат за приоритетите. Ние, како Министерство за финансии, делиме лимити, а секој сам, во рамките на своите лимити, одлучува што е негов приоритет – рече Димитриеска-Кочоска.
Инаку, во јавноста имаше голем број реакции по најавата дека Финансии ќе го затвори трезорот на 15, односно на 20 декември.
– Вака, како што стојат работите, се создава впечаток дека Владата има проблеми со ликвидноста. Има многу обврски што треба да се исплатат до крајот на годината, а приходите не се толку големи. Но, не верувам дека е само тоа причината, бидејќи можат лесно да се задолжат кај домашните банки и да обезбедат пари. Повеќе мислам дека сакаат да ги намалат дефицитот во буџетот и долгот на крајот од оваа година. Сакаат да префрлат дел од обврските за в година, со што дефицитот и долгот оваа година ќе бидат малку пониски – изјави за весникот ВЕЧЕР економскиот експерт Бранимир Јовановиќ.
Од Синдикатот на УПОЗ велат за весникот ВЕЧЕР дека не се работи само за исплатата на плати и на додатоци на плати туку и за обврските на државата кон банките, институциите, приватните компании…
– Обично трезорот се затвора по 25 декември и сега првпат се случува да се затвори на 15 декември. Но, според последните податоци од Владата, исплатата на налозите ќе се врши и по 15 декември, но документите треба да се достават најдоцна до средината на овој месец. Така што регрес за годишен одмор, додатоци на плати и друго ќе се исплаќаат и по 15 декември ако се доставени документите навреме. Меѓутоа, и да се достават документите порано, тие нема да бидат процесирани веднаш, односно исплатите ќе бидат пред Нова година – изјави за ВЕЧЕР претседателот на УПОЗ, Трпе Даноски.
Според него, пораното затворање на трезорот отвора сомнеж дека нема пари во трезорот. Освен исплатата на плати, доцни и исплатата на породилно и на други социјални надоместоци.
Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека се работи за класичен маркетинг од страна на Владата, која на овој начин сака да каже дека може да го реши проблемот.
– На крајот од годината, многу буџетски корисници не можат да ги повлечат парите од трезорот. Обично, ако не е прецизирано докрај за која намена се, парите одат за други плаќања, кои се приоритетни. И порано се случувало тоа – парите од некој што не успеал да ги повлече навреме, да му се дадат на некој што имал поитна потреба. Поради тоа, сметам дека ова е маркетинг што го прави Владата, прво објавува дека има проблем, а потоа дека може да го реши – објаснува Хајредини за ВЕЧЕР.
Тој додава дека има решение дури и ако не се донесе буџетот пред Нова година, тогаш плаќањето на државните институции ќе се врши преку аванси.
Дел од експертите сметаат дека се работи за техничко прашање, бидејќи Владата сака да стави ред во поднесувањето на налозите од страна на државните институции, бидејќи има голема неажурност од административците, кои секогаш ги завршуваат работите во 5 до 12:00.
(А. С.)












