Од 16 до 30 август, Охрид ќе биде домаќин на третото издание на „Ohrid Water Festival“ . Станува збор за случување кое ги спојува водените спортови, убавата музика и гастрономската понуда од ова поднебје.
Фестивалот започнува на 16 август напладне со Ревијалниот турнир по ватерполо што ќе се одржи пред хотел „Александрија“, а попладнето на Старото пристаниште ќе се одржи „Ред бул“ педалинка. Наредниот ден, на базенот „Атина Бојаџи“ ќе се случи пливачкиот митинг. Од 18 до 21 август на плажата „К’ј Дивоно“ ќе се организира Меѓународниот едриличарски тренинг камп, а на 22 и 23 август е Меѓународната едриличарска регата.
За 24 август се предвидени спортските риболовни купови – Хранилка и АКВАЛОН. Наредниот ден кај плажата „Куба Либре“ ќе се одржат: Меѓународната охридска веслачка регата, Меѓународното штафетно нуркање за мир и СУП-јога на вода.
На 26 август е СУП 33-километарскиот маратон со старт кај селата Радожда и Љубаништа, а кај градското пристаниште ќе може да се проследи настанот „Запознај го едрењето, заштити го езерото“, по што ќе има и промоција на рекреативно нуркање за деца. Наредниот ден ќе се одржи „Меч рејс Европскиот куп“ по што е предвидено Балканското јуниорско првенство на отворени води.
За 28 август се закажани СУП-трките на малото пристаниште пред хотел „Палас“, додека на 29 август во Струга ќе се одржи Кајак регата. Годинешното издание на „Ohrid Water Festival“ завршува со Охридскиот пливачки маратон на 30 август, кога познати пливачки имиња ќе ја препливаат патеката Свети Наум – Охрид.
–„Ohrid Water Festival“ со своите две претходни изданија ги оправда очекувањата во однос на промоција на потенцијалите на Охридското Езеро и водените спортови во комбинација со културна програма – заклучија од Општина Охрид.