Одлуката што ја донесе Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за избор на компанијата „Оне Македонија телекомуникации“ (унгарски „Фор-ај-џи“) за најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во државата, може да претставува пресвртница за македонскиот телекомуникациски пазар. Се очекува влезот на нов мрежен оператор да ја наруши долгогодишната рамнотежа меѓу двата доминантни оператори и да создаде реален конкурентски притисок врз цените и врз квалитетот на услугите.

Од АЕК информираа дека започнал да тече рокот од 10 дена за уплата на еднократниот надоместок за трите радиофреквенциски опсези, во вкупен износ од 8.020.003 евра. Од тие средства, најнискиот почетен износ за одобрението А1 изнесува 4,2 милиони евра, за одобрението Б1 – 1,5 милиони евра, а за Ц1 – 2,32 милиони евра.

По уплатата на надоместокот, компанијата ќе може да добие одобрение и теоретски веднаш да почне со работа, користејќи пристап преку мрежите на постојните оператори додека не изгради сопствена инфраструктура.

Првиот критериум за новиот оператор е до крајот на март 2027 година да покрие барем еден град со 5Г, до крајот на 2028 година – главните патни коридори со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година – сите градови во државата. До крајот на 2032 година, секој граѓанин ќе има можност за пристап до Интернет преку 5Г со минимална брзина од 100 Мбпс.

Македонскиот пазар на мобилна телефонија со години функционира во услови на де факто дуопол, при што „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“ заедно држат над 94 % од вкупниот број претплатници и речиси 98 % од приходите. Иако присутни се и виртуелни оператори, нивното учество на пазарот е ограничено и недоволно за суштинско влијание врз ценовната политика. Токму ваквата структура на пазарот беше редовно нотирана како проблем во извештаите на Европската комисија, со укажување на потребата од поголема конкуренција.

Искуствата од другите европски земји покажуваат дека воведувањето трет мрежен оператор најчесто води кон намалување на цените, особено кај пакетите за мобилен Интернет и постпеид услугите. Новиот оператор, за да освои пазарен удел, вообичаено настапува со поагресивна ценовна политика, поповолни тарифи и со флексибилни пакети, што ги принудува и постојните оператори да реагираат со промоции, подобри услови и со дополнителни бенефиции за корисниците.

Аналитичарите очекуваат дека за корисниците тоа ќе значи поголем избор, пониски месечни трошоци и подобар однос меѓу цената и квалитетот.

– Дополнително, зголемената конкуренција може да донесе и подобрување на мрежната покриеност, побрзо воведување нови технологии и подобра корисничка поддршка, особено во руралните и во помалку атрактивните региони, каде што досега инвестициите беа ограничени. Искуствата од други земји покажуваат дека новиот оператор, за да привлече корисници, ќе понуди пониски цени и поповолни пакети. Тоа ќе ги натера и постојните оператори да ги намалат цените или да понудат повеќе услуги за истата цена – велат тие.

Сепак, ефектите нема да бидат моментални. Новиот оператор ќе се соочи со значајни почетни инвестиции – од плаќање на радиофреквенциите, преку изградба на мрежна инфраструктура, до привлекување корисници на веќе заситен пазар. Аналитичарите очекуваат првите посериозни ценовни промени да се почувствуваат во рок од една до две години по официјалниот почеток на услугите.

Од аспект на регулаторот, клучна ќе биде улогата на АЕК во обезбедувањето рамноправни услови за пазарна конкуренција, спречување антиконкурентско однесување и следење на ценовните трендови. Доколку се реализира процесот според најавите и новиот оператор почне на почетокот од 2026 година, македонските корисници би можеле, конечно, да добијат поинтензивна ценовна конкуренција и поквалитетни мобилни услуги.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ