Пред враќањето во Лигата на шампионите, екипата на Њукасл веќе потроши 52 милиони евра за Антонио Еланга, експлозивното крило кое одговара на нивната игра, но вистинското прашање е кој ќе биде во напаѓачката линија?
Александар Исак e наводно незадоволен, а обидите да се доведат Уго Екетике и Жоао Педро завршија, првиот потпиша за Ливерпул, другиот за Челзи.
Сега, почна да се врти името Бенџамин Шешко (22 години), кој и претходно се споменуваше како евентуален трансфер.
Шешко не е обичен плејмејкер. Висок е 195 сантиметри, силен во дуел, но далеку од статичната „деветка“ што би можела да ја сугерира неговата висина. Неговиот профил е хибриден – способен е да трча во простор, да предводи во контра напади, лесно дрибла, се повлекува во средниот ред и учествува во градењето на нападот.
Неговите бројки во споредба со другите напаѓачи од седумте најсилни европски лиги зборуваат за разновидност и рамнотежа во играта без топката. Сепак, Лајпциг беше далеку од уверлив минатата сезона, па затоа и Шешко запиша само 13 гола во Бундеслигата. Неговиот шут, исто така, не треба да се занемари. Три гола надвор од шеснаесетникот, вклучувајќи го и спектакуларниот против Баерн со надворешната страна на стапалото. Но, можеби уште подобар пример беше ракетата против Вердер Бремен – топката удри во пречката пред голманот да може да реагира. Шешко има способност да создаде гол дури и кога шансата не е голема. Сепак, има и една голема мана – финишот еден на еден сè уште не е на посакуваното ниво!
И покрај се, Шешко останува еден од најефикасните млади напаѓачи во Европа. Неговите физички предиспозиции, во комбинација со неговиот шут и способноста да игра во двата правци, со и без топка, го прават речиси уникатен профил.
Од друга страна, Исак е пософистициран, технички поисполиран, но Шешко е физички подоминантен. Неговото доаѓање би можело да му понуди на Њукасл нова димензија – подиректен пат до голот, без губење на квалитетот. И на само 22 години, тој сè уште е во подем.
Доколку Њукасл одлучи да се движи во оваа насока – и ако му обезбедат простор што му одговара – Бенџамин Шешко би можел да стане следното големо засилување на „Сент Џејмс парк“.