Трет протокол како клуч – Скопје и Софија ќе го пробиваат ѕидот?  

Дали трет протокол со Софија може да стане новиот клуч за деблокада на евроинтеграциите? Владата засега вели дека без враќање на довербата, не може да се отвора никакво конкретно решение. Истовремено, меѓународните партнери потсетуваат дека уставните измени остануваат услов без кој нема напредок. Американската амбасадорка Агелер уверува дека се подготвува процесот, а Муртезани инсистира дека е потребно најпрво да се надминат билатералните грижи. Во заднина, нерешениот протокол од 2022 година и постапката пред Уставниот суд остануваат фактори што директно влијаат врз политичкото темпо на земјава на патот кон ЕУ

0

По локалните избори, заедно со европските партнери се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија, со цел да се надмине спорот и да се деблокира евроинтегративниот процес на земјава, истакна министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Во момент кога европската агенда на земјата повторно зависи од решавањето на билатералните недоразбирања со Софија, во Скопје се отвора простор за нов дипломатски маневар: можност за трет протокол со Бугарија, како креативен обид да се деблокира патот кон ЕУ. Иако формално не постои иницирана процедура, изјавите на Муртезани укажуваат дека напорите моментално се насочени кон обновување на дијалогот и враќање на довербата – предуслови без кои, како што нагласува тој, не може да се разговара за конкретни решенија. Паралелно, од меѓународните партнери доаѓаат сигнали дека процесот на уставни измени не е напуштен. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, уверува дека се работи на ова прашање, иако Муртезани предупредува дека институциите не може да преминат кон официјален процес додека не бидат адресирани клучните грижи поврзани со билатералниот спор.

– Тоа што се работи константно по локалните избори, заедно со нашите европски партнери, е воспоставување дијалог и враќање на довербата, бидејќи без дијалог и доверба, не може да стане збор за надминување на проблемот. Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба, а потоа ќе стане збор и за можните начини за надминување на проблемот – изјави вчера Муртезани на прес-конференција во Скопје, со министерката за европски прашања на Шведска, Јесика Розенкранц, одговарајќи на новинарско прашање дали евентуално се подготвува трет протокол со Бугарија за да се надминат разликите.

Прашан за коментар на изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дека е убедена оти се работи на прашањето со уставните измени и дали е тоа навистина така, Муртезани потврди дека „секако дека се работи на тоа, бидејќи тоа е преземена обврска“, но додаде дека „во моментов не може да се говори за процесот на измени на Уставот, бидејќи сите наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани“.

– Секако дека мора да се работи на уставните измени. Тоа е преземена обврска без која нема преговори и нема членство во ЕУ, меѓутоа, како што нагласив, во моментов не може ние да зборуваме за процесот на уставни измени кога сите тие наши грижи и дилеми не се соодветно адресирани, а за да бидат адресирани, треба да се воспостави редовен дијалог, да се врати довербата меѓу двете соседни земји за да можеме на европски начин да градиме заедничка европска иднина – рече министерот за европски прашања и додаде дека Македонија ѝ останува целосно посветена на европската интеграција преку исполнување на Копенхашките критериуми, спроведување на реформската агенда и реализација на Планот за раст.

Американската амбасадорка Анџела Агелер деновиве изјави дека е стопроцентно убедена дека се работи на прашањето за уставните измени, кои треба да го откочат процесот за членство во ЕУ. Агелер посочи дека станува збор за сложен процес, но дека се работи за негово започнување и се водат разговори што го поплочуваат патот. Американската амбасадорка го изрази своето уверување дека земјава мора да биде во Европската Унија и за да се случи тоа, мора да се почитуваат процеси.

Идејата за можен трет протокол неодамна ја афирмираше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како едно од креативните решенија.

– Има протокол, тоа е записник обичен, потпишан од двајца министри. Со записник, вие менувате меѓународен договор или му додавате. Отворете го Договорот за пријателство и добрососедство, еден збор нема таму за уставни измени. Тогаш нека бидат креативни, нека усогласат трет протокол во кој ќе кажат дека не може прашањата врзани за историјата, културата и за идентитетот да бидат услов – посочи претседателката.

По долги и интензивни дипломатски преговори, во 2022 година, со посредство на европските партнери, беше постигнат компромис околу преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во Европската Унија. Клучниот елемент на договорот беше прифаќањето на обврска во преамбулата на македонскиот Устав да се додаде бугарската заедница како дел од заедниците што се споменуваат во основниот акт на државата. За возврат, македонскиот јазик беше вграден во европската документација без фусноти, резервации или дополнителни објаснувања, додека Бугарија го задржа своето гледиште преку унилатерална изјава што не влијае врз правната сила на рамката.

Како дел од пакетот за имплементација, тогашните министри за надворешни работи, Бујар Османи и Теодора Генчовска, потпишаа билатерален протокол, кој ги дефинираше обврските, динамиката и механизмите за следење на спроведувањето на договорените чекори. Документот веднаш стана предмет на жестоки домашни политички расправи, особено поради прашањата што ги отвори околу историските комисии и деликатните идентитетски прашања.

Во 2023 година, протоколот се најде и пред Уставниот суд, откако беше поднесена иницијатива со која се оспоруваше неговата уставност. Подносителите тврдеа дека документот произведува правни последици без да биде ратификуван во Собранието, како и дека „директно задира во идентитетските теми поврзани со македонскиот народ, јазик и државност“. Уставниот суд во август одлучи да отвори предмет и да поведе постапка за да утврди дали е протоколот во согласност со Уставот. Оттогаш, одлука сè уште не е донесена, а исходот ќе има значително влијание врз домашната политичка сцена и врз следните чекори во односите со Бугарија и евроинтеграциите. (В.С.Н.)

 

Шведска со порака: Искористете го моментумот за проширување

Поддршка за македонските евроинтеграции даде и шведската министерка за европски прашања, Јесика Розенкранц, која беше во официјална посета на земјава. Таа истакна дека Шведска цврсто стои зад Македонија и ја поддржува, како со политичка волја така и со конкретни чекори.

– Навистина сега е моментумот за проширување на ЕУ, поради руската агресија врз Украина, сега е многу повеќе од јасно дека Европа треба да се проширува и да се зајакне соработката и затоа Шведска генерално го поддржува проширувањето. Моето охрабрување до вас е да го искористите моментумот на проширување додека е тука, додека постои нова енергија меѓу земјите членки за овој процес. Со сегашните безбедносни предизвици со кои се соочуваме сите денес, работејќи денес заедно како Европејци, е многу поважно од кога и да било и нашата соработка е клучна за да се обезбеди мир, демократија, безбедност и просперитет во Европа и многу ги ценам разговорите што ги одржавме денеска – рече Јесика Розенкранц на заедничката прес-конференција со министерот Муртезани.

Во однос на прашањето со Бугарија, таа посочи дека добриот дијалог со соседите е добредојден за самиот процес на пристапување и дека кога ќе се усвојат уставните измени, ЕУ и сите земји членки треба да го почитуваат тој договор и веднаш потоа формално да започнат преговорите.

ИЗДВОЕНИ