Со изборот на трет мобилен оператор, Владата најавува крај на долгогодишниот дуопол на телекомуникацискиот пазар. Очекувањата се насочени кон пониски цени, поголем избор и подобар квалитет на услугите за корисниците. Одлуката доаѓа по повеќемесечен процес, кој беше одложен поради изборниот циклус. Сепак, реалните ефекти ќе зависат од брзината на спроведувањето и од способноста на новиот оператор да се наметне на пазарот. Регулаторната улога на државата ќе биде клучна за тоа дали навистина ќе заживее конкуренцијата
Со изборот на трет мобилен оператор на македонскиот телекомуникациски пазар, Владата очекува зголемување на конкуренцијата, пониски цени и подобар квалитет на услугите за граѓаните. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, оценува дека ова е еден од најзначајните чекори во секторот на електронските комуникации во последната деценија.
Според него, со влезот на нов оператор, ќе се наруши долгогодишниот дуопол меѓу двата постојни мобилни оператори, што, според него, директно ќе влијае врз намалувањето на цените и врз подобрувањето на понудата.
– Најважно е што, конечно, се руши дуополот. Ова е нешто што го ветивме веднаш по изборот на Владата. Меморандумот за разбирање со „Фор-ај-џи“ го потпишавме уште во октомври, а процесот можеше да заврши и порано, но поради локалните избори, беше одложен. Сега сме во финална фаза – донесена е одлука и во рок од 10 дена операторот треба да го уплати надоместокот кон државата и да започне со работа – истакна Николоски.
Агенцијата за електронски комуникации донесе одлука со која „Оне Македонија телекомуникации“, во сопственост на унгарската компанија „Фор-ај-џи“, беше избрана за најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во земјава.
Домашниот мобилен пазар со години функционира како класичен дуопол, во кој два оператори ја делат најголемата база на корисници, со релативно слични ценовници и ограничен простор за агресивна конкуренција. Ваквата структура, според економските анализи, често резултира со повисоки цени и со побавно воведување иновативни услуги.
Експертите сметаат дека влезот на трет мобилен оператор има потенцијал да го смени овој модел.
– Новиот играч, за да обезбеди пазарен удел, најчесто настапува со поатрактивни пакети, пониски почетни цени и со флексибилни услови за корисниците. Истовремено, постојните оператори се принудени да одговорат со подобрување на услугите, инвестиции во мрежната инфраструктура и со поповолни понуди – велат тие.
Сепак, ефектите нема да бидат моментални, затоа што успехот на третиот оператор ќе зависи од брзината на изградба на мрежата, квалитетот на покриеноста и од реалната способност да се натпреварува со веќе етаблираните компании.
Доколку се реализираат најавите во практика, граѓаните би можеле да очекуваат не само пониски сметки за мобилна телефонија туку и побрзо воведување нови технологии и подобрен квалитет на услугите. Во спротивно, постои ризик третиот оператор да остане маргинален играч без суштинско влијание врз пазарот.
– Регулаторната улога на државата и Агенцијата за електронски комуникации ќе биде клучни за обезбедување фер услови на пазарот и за спречување антиконкурентно однесување. Затоа влезот на „Оне Македонија телекомуникации“ се оценува како тест и за државната политика во секторот – дали навистина ќе резултира таа со зголемена конкуренција или ќе остане само формален чекор, без значајни придобивки за корисниците – сметаат тие.
(С. Бл.)












