Трет мандат за Мицкоски – лидерска визија или партиска транзиција? – Аналитичарите за пораките на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од конгресната говорница

1
Аналитичарите со различна оцена за говорот Христијан Мицкоски. Според едни, тој носи јасна порака на политичка консолидација и обид за историско легитимирање на неговото лидерство. А другите тврдат дека е говор кој нема допирна точка со реалноста, туку само зборови кои членството сака да ги чуе. Политичкиот аналитичар Џенур Исени, за весникот ВЕЧЕР коментира дека Мицкоски покажа дека ја гради нарацијата на „континуитет на мисијата“, поврзувајќи ги изборните победи со една поширока државотворна визија. Сосема спротивен е ставот на аналитичарот Синиша Пекевски, според кој, Мицкоски зборува работи во кои и самиот не верува и тоа се повторува повеќе од 30 години и опоменува дека падот на 300.000 гласа на последните локални избори е сериозна порака.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и официјално го тера третиот мандат откако на 18. партиски конгрес што се одржа во Кавадарци од 817 присутни делегати, 804 гласаа и му ја дадоа поддршката за да ја води партијата во наредните четири години што според статутот на партијата ќе биде негов последен мандат. Порача дека негова должност е да работи на остварувањето на визијата за стабилна и просперитетна Македонија. Затоа, во овој последен мандат, рече, нема да работи за да остане претседател туку за да создаде генерација што ќе биде подобра од него и најдобра за Македонија.

Аналитичарите со различна оцена за говорот на Мицкоски. Според едни, тој носи јасна порака на политичка консолидација и обид за историско легитимирање на неговото лидерство. А другите тврдат дека е говор кој нема допирна точка со реалноста, туку само зборови кои членството сака да ги чуе.

Политичкиот аналитичар Џенур Исени за весникот ВЕЧЕР коментира дека Мицкоски покажа дека ја гради нарацијата на „континуитет на мисијата“, поврзувајќи ги изборните победи со една поширока државотворна визија.

– Ова е класичен пример на лидерски говор кој има за цел не само да ја зацврсти внатрепартиската кохезија, туку и да создаде симболичка рамка во која тој се позиционира како носител на „генерациска одговорност“. Она што е карактеристично е фокусот на сопствената улога во трансформацијата на партијата, од период на кризи, репресии и изолација, кон фаза на изборна доминација. Тоа е наратив кој има двојна функција: од една страна ја мобилизира базата, а од друга страна испраќа сигнал кон јавноста дека стабилноста на власта е директно врзана за неговото лидерство, вели Исени за весникот ВЕЧЕР.

Сосема спротивен е ставот на аналитичарот Синиша Пекевски.

– Мицкоски зборува работи во кои и самиот не верува и тоа се повторува повеќе од 30 години. Да се потсетиме на ветувањата пред избори за име, за економија, за неселективност, за човечки капитал и сл., дали од тоа нешто испочитува, НЕ. Случајот со одговорноста за во Кочани, дипломите на одредени функционери, бизнисите кои ги добиваат блиски на функционерите кажува сè, и затоа веќе никој во ништо не верува, падот на 300.000 гласа е сериозна порака, коментира Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Исени, пак, додава дека говорот на Мицкоски не треба да се чита само како мобилизациски, туку и како сигнал дека во следните години тој гледа на себе како на главен носител на политичкиот проект на ВМРО-ДПМНЕ, без индикација за брза или организирана транзиција на лидерството. Тоа, според аналитичарот, ја зацврстува неговата лидерска позиција на краток рок, но ја остава отворена дилемата за долгорочната кадровска стратегија на партијата.

Мицкоски во обраќањето по соопштување на резултатите рече дека неговиот реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ значи дека победила идејата и патот што го трасираат за Македонија.

На партискиот конгрес кој се одржа под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени и два политички документа Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.

„Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор и рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. И јас ви ветувам – никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас ниту Владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста. Влегуваме во ново поглавје, со нови задачи каде што целта е да ги решиме најгорливите прашања за граѓаните. Ова е мандат во кој партијата мора да го вложи целиот свој потенцијал во изградба на систем кој е функционален и систем кој мора да им служи на граѓаните“, рече Мицкоски во обраќањето. Од партискиот конгрес ги најави и процесите кои ќе се случуваат во идниот период во ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека во наредните шест месеци ќе има реформи и кадровски освежувања во сите структури на партијата – од Извршниот комитет се до општинските и месните комитети.

Мицкоски најави големи промени и во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ.

„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна новата генерација што треба да се роди во наредниот четиригодишен мандат. Генерација која ќе изгради од желбата и поривот да се гради татковината, која ќе ја следи и гради стратегијата што ќе обезбеди стабилно и победничко ВМРО-ДПМНЕ и силна иднина за нашата татковина Македонија.

Мицкоски ја доби поддршката од речиси сите делегати на Конгресот, а беше и единствен кандидат за функцијата, па сепак, поради тоа што и самиот изјави дека не планира да предлага промени на статутот за да добие четврти мандат, во јавноста почнаа да се прават профили на личности кои би можеле да ја заземат лидерската позиција во партијата.

– Логично е да се подготвува генерација или комбинација од кадри кои евентуално би можеле да бидат „наследници“, барем потенцијални кога ќе дојде време за предавање на лидерството, коментира висок партиски функционер за весникот ВЕЧЕР.

Од опозициската СДСМ обвинија дека Конгресот во Кавадарци бил организиран од двоецот Мицкоски-Груевски.

– Бегалецот од правдата кој украде 2 милијарди евра и побегна, но се уште ја управува со ВМРО-ДПМНЕ од далечина. Бизниси, кредити, банки, оваа власт е директно поврзана со Орбан. Тоа е дел од вертикалата преку политичките партии, ФИДЕС на Орбан, СНС на Вучиќ во Србија и ДПМНЕ на Груевски и Мицкоски, која со години функционира на иста линија, обвинија опозиционерите. (Е. А.)

ИЗДВОЕНИ