Помалку чудна, но вистинита приказна ни доаѓа од Вирџинија, во која главна тема е тимот во американски фудбал од гратчето Апалачија – Јунион Хај. Оваа екипа е во одлична серија победи и се движи кон финале во националното првенство и тоа без клучниот човек на клупата. Додека играчите слават победи, нивниот тренер Травис Тарнер е во бегство, и се соочува со сериозни обвиненија, а исчезнат е некаде во планините.
Неговото исчезнување се случило пред две недели, кога, според неговото семејство, го напуштил домот носејќи огнено оружје и исчезнал во планинските шуми. Никој не го видел оттогаш. Полицијата на државата Вирџинија соопшти дека биле на пат кон неговиот дом за да го посетат, но Тарнер исчезнал пред тие да пристигнат. Неколку дена подоцна, полицијата објави дека Тарнер официјално се бара по исклучително сериозни обвиненија. Тој беше обвинет за пет обвиненија за поседување детска порнографија и пет обвиненија за користење компјутер за намамување малолетник.
Случајот ескалираше кога Службата за маршали на САД објави награда до 5.000 долари за информации за Тарнер.
„Си-Ен-Ен“ контактираше со Службата за маршали за повеќе детали, но не е објавен никаков одговор.
Тарнер беше и наставник по физичко образование во средното училиште „Јунион“, според сега избришаната веб-страница на училиштето.
Државната полиција на Вирџинија не објави каде последен пат е виден тренерот или кој можеби го видел.
Семејството потврди преку адвокатот Адријан Колинс дека последниот контакт со него бил околу 20 ноември, кога влегол во блиската шума со огнено оружје.
Во тоа време, сè уште немало налог за негово апсење.
Кога Тарнер не се вратил дома таа вечер, неговата сопруга веднаш контактирала со локалната полиција, но ѝ било кажано дека ќе мора да чека 24 часа за да поднесе пријава за исчезнато лице.
Следниот ден, исчезнатото лице било официјално пријавено во државната полиција на Вирџинија. Колинс рече дека семејството целосно соработува со полицијата.
Што се оденсува до тимот на Јунион, тие во саботата го победија колеџот Риџвју со 21:14, пласирајќи се во полуфиналето на националното првенство.











