Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го задржува својот став дека не само минималната, туку и сите плати во Македонија треба да се зголемат. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека државата е меѓу земјите во регионот со најниски примања, вклучувајќи ја и просечната и минималната плата, а од другата страна, Владата или работодавачите, немаат разбирање за сериозен напредок.
„Работниците во Македонија се најниско платени на Балканот, а да не зборуваме за Европа. За жал, ние сме една од државите во регионот која има најниска и просечна и минимална плата. Не гледаме слух од спротивната страна, од Владата или работодавачите да направат некаков сериозен исчекор, иако слушнавме дека во Србија од 1 октомври минималната плата ќе биде 500 евра, онолку колку што бара ССМ во Македонија, а од 1 јануари ќе изнесува 550 евра. Веќе и со повисока плата од онаа што ја бараме работниците, за жал, заминуваат од земјава, но не само заради платите, туку и незадоволни од условите во кои живееме”, истакна Трендафилов.
Тој посочи дека продуктивноста треба да се насочи само преку еден аспект – зголемување на платите. „Нашите работници во Црна Гора, Словенија, Германија, Србија, Хрватска, Австрија се продуктивни зашто таму платите се три до четири пати повисоки од нашите”, рече Трендафилов, додавајќи дека ако работодавачите планираат да не ги плаќаат работниците како што го прават тоа денес, не можат да очекуваат раст на продуктивноста.