Под мотото „Денот кога зборуваат работниците“, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), поддржан од синдикатите за образование, култура, полиција и медиуми, утре на улица ќе го изрази незадоволството од ниските плати. Од ССМ бараат зголемување на минималецот на 600 евра за секој работник, како и зголемување од 100 евра на сите останати плати. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов ги повика работниците да излезат во што поголем број на протестот кој е директен одговор на тешката економска состојба во која се наоѓаат работниците, бидејќи платата не им стигнува од први до први. Доколку, како што рече Владата и работодавачите продолжат со нивниот игнораторски однос ќе организираат генерален штрајк во приватен и јавен сектор.
-Овој протест е против неправдата затоа што тие земаат десет пати поголеми плати од вашите, овој протест е затоа што тие обезбедија 250 евра зголемување на нивните плати, а за работниците ниту 25 евра. Овој протест е за вашите деца, за вашите внуци за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство. Овој протест е против игнорантскиот однос на Владата и работодавачите што не се договорија да ги зголемат работничките плати како што заслужуваат работниците. Овој протест е поради тоа што тие не водат гриза за вашите семејства и за вас, а вие со вашето право на глас им го давате луксузот во кој тие живеат, изјави Трендафилов.
Тој рече дека протестот е закажан за 17 часот затоа што тогаш е веќе мрак и газдите неможат да ги препознаат. -Не треба да се плашите од никој затоа што на никој не му должите им должите само на вашите семејства пристоен живот, додаде.
Според Трендафилов за две години колку што одбива Владата да ги зголеми платите, работниците се посиромашни за 9.500 денари, а само во јануари за 1.000 денари.
-Аргументи има многу, а изговори нема. 200 илјади работници живеат со плата под 30 илјади денари и се сметаат за сиромашни. Ако Владата и работодавачите и понатаму продолжат со нивниот игнораторски однос продолжуваме со блокади, со блокирање на таргетирани институции и локации, со генерален штрајк во приватен и јавен сектор. Ќе го блокираме општеството, системот кој е највиновен за ваквата состојба во која се наоѓаат работниците. Ќе побараме намалување на функционерските плати за 80 отсто и зголемување на работничките плати за 6.000 денари, посочи Трендафилов.
Според пресметките на ССМ поради тоа што Владата одбила да ги субвенционира придонесите во период од 12 месеци како што побара бизнис секторот изгубила 10 милиони евра, бидејќи како што посочија оттаму работодавачите после една година ќе ги плаќаа придонесите за сите работници на кои ќе им ја зголемеа платата за 6.000 денари. Поради тоа, според синдикатот за една година Владата изгубила 120 милиони евра во буџетот по однос на придонеси за задолжително социјално осигурување.
Поддршка на протестот најави и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Од ССНМ оценуваат дека приклучувањето кон протестот на ССМ претставува достоинствен начин за јавно изразување на потребите и проблемите на работниците, особено во медиумската индустрија, каде што во последните години се забележува континуиран пад на приходите и влошување на условите за работа.
Премиерот Христијан Мицкоски во одговор за протестот на ССМ за зголемување на платите рече дека минималната плата законски се зголемува во март и оти секој има право да протестира.
-Согласно законот, минималната плата ќе биде зголемена во март, односно платите што ќе ги добијат работниците во април за март ќе бидат зголемени. Ние рековме дека ќе го поддржиме секое решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавците во дипартитен дијалог, изјави Мицкоски.
Со реакција за протестот излегоа и синдикатите на приватните автобуски и автотакси-превозници од Скопје алармираат дека евентуалното зголемување на минималната плата за 50 проценти би можело да доведе до целосен колапс на јавниот превоз во главниот град. Според нив, без државна поддршка, ваквата одлука ќе ги принуди превозниците да ги раскинат договорите и да го прекинат работењето поради огромни финансиски загуби.
Од Бизнис-конфедерацијата на Македонија пак излегоа со став дека за раст на минималецот не треба да се заобиколува Економско-социјалниот совет, а во дијалогот за економската состојба потребни се сите затоа што македонската економија може да функцонира многу добро.
Претседателот на Конфедерацијата, Миле Бошков посочи дека за нив е прифатливо зголемување на минималната плата во март со усогласувањето со законот и додаде дека секое друго покачување, без олеснети давачки за социјалните придонеси, ќе биде голем товар за стопанството.
Протестот ќе започне од пред Работничкиот дом, па пред Собранието, Стопанската комора и ќе заврши пред Владата. Доколу се нема слух за нивните барања, синдикалците најавуваат таргетирани блокади на институции, но не исклучуваат ниту генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор.
(А. С.)












