Тренчин во Словачка веќе наголемо започна со интересни настани кои имаат за цел зајакнување на заедниците кои живеат во градот, поддршка на современата уметност и активирање на јавните простори, но истовремено да понуди и врвно фестивалско доживување за сите генерации, особено за младите. Уметноста и културата во Оулу во Финска, пак, годинава стануваат одговор на прашањата за одржливост, заедница и иднината на животот во екстремни услови. Овој северен град покажува како од контрасти, темнина и светлина, зима и лето, технологија и природа може да се создаде нова енергија и нова естетика. Скопје честа да биде „Европска престолнина на културата“ ќе ја има во 2028 година
Со програмата под мотото „Будење на љубопитноста“, Тренчин, живописниот град во западна Словачка, годинава му го нуди на светот најдоброто од својата култура, историја и гостопримство. Тој заедно со градот Оулу од Финска чија програма е насловена „Културна климатска промена“, се годинешниве носители на престижната титула „Европска престолнина на културата“, чест која Скопје ќе ја има во 2028 година.
Тренчин веќе наголемо започна со интересни настани кои имаат за цел зајакнување на заедниците кои живеат во градот, поддршка на современата уметност и активирање на јавните простори, но истовремено да понуди и врвно фестивалско доживување за сите, особено да стане привлечен за младите. Отворањето пак, кое се случи минатиот месец, означи симболично започнување на едногодишна програма, во рамките на која се планирани сцени за улични уметници, соседски прослави и културни настани во кои ќе учествуваат автори од цел свет. Како пример, во 2026 година, замокот Тренчин кој е препознатлив белег на градот не е само позадина на разгледниците, туку активен партнер во современата уметност. Некогаш симбол на моќ и одбрана, сега обезбедува простор за чувствителен, актуелен и меѓународен уметнички израз – покажувајќи дека дури и историски споменик може да биде живо, отворено место за културен дијалог. Ова исконско обележје на градот обликувано од векови историја, е трансформирано во жив простор за современа уметност.
Тренчин- жив простор за уметност од секаков вид
Од 7 февруари, замокот е домаќин на три изложби кои создаваат уникатен дијалог помеѓу минатото и сегашноста. Првата е мултимедијалната изложба „Бунар на љубовта“, курирана од Екмел Ертан, која го поврзува историскиот контекст на замокот со современи теми на сеќавање, мит, труд и човечка желба. Посетителите на градот се среќаваат и со „Нишката на Барбора“, инсталација од португалската уметница Карла Ребело, која работи со фрагменти од оригиналниот дрвен под од текстилната фабрика Мерина во Тренчин. Третата изложба пак, е „Кристализирана тишина“, дело на јапонскиот уметник Јасуаки Ониши, кое ја трансформира Витешката сала на замокот во нежен вертикален пејзаж од транспарентни материјали.
Инаку, овој град кој се наоѓа во долината на реката Вах во близина на границата со Чешка и на околу 120 километри од Братислава има што да покаже. Со население кое брои околу 56.000 жители го прави деветти најголем град во државата. Во самиот град доминира токму замокот Тренчин, кој е трет по големина замок во Словачка, поделен на горен и долен дел, со обемни утврдувања. Под замокот, на ридот, се наоѓа старата парохиска црква и мал горен плоштад до кој се стигнува преку историски покриени скали, како и преку кривулести споредни улички. Стариот град има голем главен плоштад, со голема барокна црква и разни продавници, како и градска кула. Во Стариот град се наоѓа и Синагогата Тренчин, изградена во 1913 година, која сега е културен центар со изложби и концерти. Опремен е со танцови и театарски сали, студија, работилници и високопрофесионално филмско студио. Со ова, намерата е да се привлечат луѓе од областа на уметноста и културата и да се охрабрат да останат во градот – по примерот на словачкиот град Кошице, кој беше престолнина на културата во 2013 година.
Инаку, според Европската комисија, престолнините на културата треба „да ја направат видлива културната разновидност на Европа, да го зајакнат чувството на припадност кон заеднички културен простор и да го поттикнат придонесот на културата во развојот на градовите“.
Токму таква намера има и градот Оулу во Финска кој исто така годинава ќе биде центар на културни настани во Европа. Идејата за таканаречените културно-климатски промени се провлекува низ целата програма „Културна климатска промена“.
Оулу се наоѓа на околу 600 километри од Хелсинки. Нокиа има кампус во градот кој е фокусиран на 5Г и 6Г технологии, а истражувањето и образованието се високо ценети. Истото важи и за уметничката сцена, која е длабоко поврзана со природата.

Оулу – град на контрасти
Уметноста и културата во Оулу стануваат одговор на прашањата за одржливост, заедница и иднината на животот во екстремни услови. Овој северен град покажува како од контрасти, темнина и светлина, зима и лето, технологија и природа може да се создаде нова енергија и нова естетика. Концептот кој се наоѓа зад сите настани е иприлично амбициозен, а тоа е спојувањето на новото и неочекуваното. Луѓето треба да се поврзат преку културата, а уметноста и природата треба да се комбинираат на претходно непознати начини. Програмата вклучува „типично фински“ теми како што се снег, мраз, сауна, светлина и темнина.
Во оваа смисла, Оулу 2026 претставува еден вид европско експериментално поле: културата како алатка во борбата против климатските промени. Тренчин, од друга страна, се потпира на социјалната одржливост – љубопитноста, образованието и учеството како основа на демократското општество.
Инаку, Оулу е голем пристанишен град во Финска и регионален главен град на Северна Остроботнија. Се наоѓа на северозападниот брег на земјата, на устието на реката Оулу. Населението на Оулу е приближно 216.000 жители, Тоа е 5-та најнаселена општина во Финска и четврта најнаселена урбана област во земјата. Оулу е исто така најнаселен град во Северна Финска.
Централниот дел од градот Оулу се состои од приближно 14 градски блокови, ограничени со Градското собрание на север, потокот Плаанаоја на исток, Албертинкату на југозапад и Алексантеринкату на северозапад. Голем проект насочен кон подобрување на квалитетот на урбаната средина беше реновирањето на паркот Манерхајм во 2019 година. Друга централна зелена зона е паркот Ото Кархи, кој го преминува потокот Плаанаоја што тече низ центарот на градот. Паркот се граничи со Халитускату, главна улица што го продолжува комерцијалното јадро на градот кон областа Раксила и железничката станица.
Оулу е всушност град кој полека се открива, преку прошетка. Од градскиот пазар, покрај познатата бронзената статуа на „Пазарен полицаец“ до Тахтиторни, романтична кула со кафуле, сместена на темелите на поранешниот замок Оулу. Приказната за експлозијата што го уништила замокот во 18 век му дава на ова место посебен историски шарм. Еден од најубавите делови на градот е и паркот Хуписарет, комплекс од мали острови поврзани со дрвени мостови, на устието на реката Оулу. Плажата Наликари, пак, има спектакуларни зајдисонца во лето, а во зима станува почетна точка за прошетки по замрзнатото море.

Скопје – култура над поделба
Нашиот главен град Скопје пак, кој ќе биде Европска престолнина на културата во 2028 година, на почетокот на февруари го објави меѓународниот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти. Повикани се уметниците, културните организации, граѓанскиот сектор, креативните индустрии, образовните институции, неформалните колективи и европските партнери да поднесат предлози. Проектите избрани преку овој конкурс ќе станат составен дел од официјалната програма Скопје 2028 насловена „Култура над поделба“. Мотото ја отсликува историската улога на градот како место на средби, издржливост и солидарност.
Таа ќе се спроведува низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори, се вели во конкурсот.
Имплементацијата ја води независно тело при Град Скопје.
Инаку, Скопје беше избран за Европска престолнина на културата за 2028 година, заедно со градовите Чешке Будејовице од Чешка и на францускиот град Бурж, а одлуката беше донесена од Европската Унија во септември 2023 година.
„Европската престолнина на културата претставува можност за значителни културни и економски придобивки, за урбана трансформација и зајакнување на меѓународниот профил на градот, порача во Град Скопје претставничката на Европската комисија, Елсе Христенсен Реџеповиќ, на обука одржана во рамки на проектот „Европска престолнина на културата Скопје 2028“ во декември. (Д.Т.)












