– Она што сакам посебно да го истакнам е дека веднаш ќе започнеме проект за обнова и реставрација на спомен-куќата на Владо Малески, со цел да се зачува нејзиниот автентичен изглед и историскиот дух што го носи овој дом на авторот на македонската химна – изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при вчерашниот увид во состојбата на делумно разурнатата спомен-куќа на писателот и автор на македонската химна, Владо Малески. Објектот е лоциран во старото градско јадро на Струга, а делумно беше урнат при ископувањата што ги вршел приватен инвеститор во непосредна близина

 

 

По бурните реакции на веста дека спомен-куќата на писателот и автор на македонската химна, Владо Малески, во Струга, е делумно урната при ископувањата што ги вршел приватен инвеститор во непосредна близина, објектот вчера го посети министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со цел лично да направи увид во неговата состојба.

„Управата за заштита на културното наследство испрати инспекциска служба на терен. Констатирани се сериозни оштетувања настанати при изведба на градежни активности на соседна парцела. По извршениот увид ќе следуваат соодветни пријави согласно со законот. Како министер за култура и туризам, најостро го осудувам секое неодговорно постапување што доведува до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, несовесност или краткорочни интереси. Она што сакам посебно да го истакнам е дека веднаш ќе започнеме проект за обнова и реставрација на спомен-куќата на Владо Малески, со цел да се зачува нејзиниот автентичен изглед и историскиот дух што го носи овој дом на авторот на македонската химна“, истакна министерот Љутков при увидот на состојбата. Тој додаде дека Министерството за култура и туризам ќе ги вклучи сите надлежни институции, стручни лица и експерти за обнова на објектот што ќе биде изведена професионално и во целосна согласност со принципите на заштита на културното наследство.

„Како министер, останувам целосно посветен на зајакнување на системот за заштита, промоција и вреднување на нашето културно наследство, кое претставува дел од идентитетот, достоинството и континуитетот на македонскиот народ“, рече Љутков.

Министерот Љутков ја посети спомен-куќата заедно со заменик-министерот за правда, Ален Деребан, кој е од овој град. Тие посочија МВР и Обвинителството да ги обезбедат сите материјални докази за бесправно градење и уништување на недвижен имот прогласен за заштитено културно наследство.

Јавноста бара брза интервенција од надлежните институции, но и одговорност и најстрога казна за виновниците, со оглед дека делото и спомен-куќата на Малески е од огромно историско и културно значење за државата.

Владо Малески (1919 – 1984), автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“, е роден во Струга и е еден од најзначајните македонски писатели, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Основното образование го завршил во Скадар, Албанија, а гимназија во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнувањето на Втората светска војна ги прекинал студиите. Бил учесник во НОБ на Македонија како еден од организаторите на партизанското движење во струшкиот крај. По завршувањето на војната бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, работел и во дипломатската служба, како амбасадор во Либан, Етиопија и Полска, а бил и член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. Станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1946 година и е еден од неговите основачи.

Малески е автор на познатите романи „Она што беше небо“ „Војната, луѓе, војната“, „Разбој“, „Јазли“… а исто така е автор на сценариото за првиот македонски игран филм, „Фросина“.

За својот творечки опус е добитник на голем број награди, меѓу кои  „11 Октомври“, „4 јули“, „АВНОЈ“, за издавачкото претпријатие „Мисла“ и „Рациново признание“.

Спомен-куќата на улицата „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во старото градско јадро на Струга, пак, е значаен културен објект и симбол на антифашистичката борба во која на 23 септември 1941, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски-Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Токму пред куќата на Малески, која е прогласена за заштитено културно наследство од државата, стои и биста на Јосифовски-Питу.

Од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид информираат дека лица од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека рушењето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи кои се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола. Од страна на НУ Завод и музеј Охрид е изготвен и Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата.

Инвеститорот на градежните работи на соседниот објект, пак, кој го предизвикал рушењето, ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата.

Од Министерството за култура, претходно посочија дека од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид  извршиле увид на самото место и констатирале сериозни оштетувања, уривање на јужниот калкански ѕид и дел од покривната конструкција, настанати при ископ на соседен објект.

„Веднаш стапив во координација со надлежните институции за преземање на сите неопходни мерки. Наодите и предлозите се веќе доставени до Управата за заштита на културното наследство, а инспекциската служба ќе постапи согласно со своите надлежности. Нашата цел е јасна – целосна заштита и зачувување на културното наследство кое претставува непроценливо богатство за сите нас.

Министерството остро реагира на секој чин на неодговорност и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти. Ги повикувам сите инвеститори и граѓани да се придржуваат до законските процедури и до условите за заштита, затоа што секој ваков споменик е дел од нашата историја, идентитет и  гордост“, беше посочено од министерот Љутков.

Директорот на националната установа Завод и музеј Охрид, Горан Патчев, пак, информираше дека ќе се стопира работата на терен, при што ќе се направи процена на штетата и ќе се преземат итни неопходни мерки за спречување на натамошно оштетување. Инвеститорот на градежните работи на соседниот објект, пак, ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата.

ИЗДВОЕНИ