– Денешницата ги тера сите генерации, и повозрасните и помладите, да размислуваат за она што ги привлекува, што ги интересира, што ги поттикнува да бидат покреативни. Јас се радувам што мојата генерација не се задоволува со тоа што го нуди денешницата, туку се бори за промени, да се чуе и гласот на младите, кој во последните години е сè посилен. Верувам во мојата генерација, зашто знае што сака, знае што прави и се труди да ги направи нештата уште подобри – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР младиот поет Пепи Стамков, добитник на наградата „Антев златник“ за стихозбирката „Собрани остатоци од светот“  

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Пепи Стамков иако е роден во Скопје, во 1999 година, целиот живот го помина во Гевгелија, каде што заврши основно и средно образование. Дипломира во 2023 година, на Катедрата за македонска книжевност и култура, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевна критика. Песните ги има објавено во стихозбирките „Метрички карван“, како и во најстарото македонско книжевно списание, „Современост“, каде што, има објавено и неколку есеи. Добитник е на наградата „Блаже Конески“ за есејот на тема „Раскажувачкото мајсторство на Блаже Конески“. Во 1924 година ја доби наградата „Антев златник“ за стихозбирката „Собрани остатоци од светот“. Ова е доволен повод за разговор со овој млад поет за весникот ВЕЧЕР.

Каде си роден, каде се описмени и како ти поминаа  детството и младешките години?

Роден сум во Скопје. Не знам зошто, но овој факт ги изненадува сите што ме прашуваат. Можеби, одговорот доаѓа неочекувано, имајќи предвид дека израснав и завршив основно и средно образование во Гевгелија, па Скопје некако спонтано им доаѓа во приказната, дури како шок. Детството и младешките години ми поминаа релативно добро. Кога ќе размислам, имав сè што ми беше потребно, тука најмногу им должам на моите родители за животот и за можностите што ми ги овозможија.

Се сеќаваш ли на првата прочитана книга и како се вљуби во поезијата?

Да. Тоа е „Снежана и други сказни“ од браќата Грим. Тоа ми беше и првата лектира што ја прочитав како четиво за во училиште. Мојот интерес за поезијата не дојде случајно. Кога бев мал, мајка ми купи буквар, ми читаше кратки песни и ме тераше да ги повторувам зборовите за да го извежбам говорот. Со текот на времето, тоа препрочитување на песните остана да тлее во мене, па почнав да се интересирам за песната не само како кратка творба туку и да ѝ дозволам да стане дел од мојот живот. Студиите по македонска книжевност ми беа предложени од мојата професорка по македонски јазик и литература додека учев во средно училиште. Се сеќавам на зборовите: „Има нешто во тебе што ми потврдува дека треба да одиш на тие студии“. Ако можам да се вратам назад во времето, би го направил истиот избор, без сомневање.

Како се раѓа песната кај тебе, во осама, во природа, на патување, во набљудување на луѓето околу тебе? 

Песната не секогаш доаѓа во конечна форма, да не речам никогаш. Ретки се примерите кога ја откривам песната во нејзината конечна форма, импулсивно. Се случувало една песна да добие една форма и по неколку години од корен да ја изменам, да добие нова форма и нова порака. Често се случува да запишам неколку стиха додека патувам. Патувањето во последниве неколку години ми стана дел од животот, да не речам од секојдневието, па не е чудно стиховите тогаш да се пластат.

Колку време се создаваше стихозбирката „Собрани остатоци од светот“?

„Собрани остатоци од светот“ не почна како идеја. Тоа беа многу песни, над двесте, кои почнав да ги пишувам на почетокот од студиите по книжевност, пред околу осум години. Само мал дел од тие стихови дочекаа да бидат поместени во оваа моја прва книга. По неколку години откако почнав со пишување, се роди песната „Собрани остатоци од светот“ и нешто во мене ме натера да ги препрочитам сите што ги напишав до тој момент. Отпосле, изборот кои песни треба да бидат објавени стана полесен, имав јасна идеја како ќе изгледа стихозбирката. Имам строг пристап кон моето творештво: ако нешто што ќе напишам не ми се допаѓа, го оставам настрана одреден период и се сосредоточувам на нешто друго. Потоа пак се враќам на напишаното, со студена глава го разгледувам, му давам простор да ми каже што има, па ако ми се допадне, тогаш го дооформувам. За жал, многумина пишуваат без да добијат повратен одговор во форма на критика. „Ова е одлично“, „Само така продолжи“ и слични одговори воопшто не помагаат. Потребно е критички да се разгледа текстот од уредник, да се посочат слабите места, да се поправат пред песните или друг вид книжевна творба да влезе во печат.

За оваа стихозбирка ја доби наградата „Антев златник“. Го очекуваше ли ова признание?

Искрено, не ја очекував наградата. На меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ пристигнуваат голем број стихозбирки, сите се читаат од стручна жири-комисија, која одлучува кои ќе влезат во потесниот круг за наградата. Да се има награда што го носи името на нашиот поетски великан Анте Поповски, е, пред сè, голема чест, а воедно е и поттик за пишување.

Во збирката си во потрага по одговорот на прашањето го живееме ли својот живот како што сакаме или, пак, се задоволуваме со оние површни работи што ни ги сервира денешницата?

Денешницата ги тера сите генерации, и повозрасните и помладите, да размислуваат за она што ги привлекува, што ги интересира, што ги поттикнува да бидат покреативни. Јас се радувам што мојата генерација не се задоволува со тоа што го нуди денешницата, туку се бори за промени, да се чуе и гласот на младите, кој во последните години е сè посилен. Верувам во мојата генерација, зашто знае што сака, знае што прави и се труди да ги направи нештата уште подобри.

Дали те плаши денешното „зовриено“ време или, пак, е извор на инспирација за нови твои стихови?

Ова „зовриено“ време е инспирација колку за добри толку и за лоши работи. Овде не можам да зборувам само за мене, за моето творештво, тоа е себично. Настаните за кои посведочивме во изминатава година ставија сериозен предизвик пред нас. Еднаш веќе кажав, но вреди да се повтори: треба да си го ставиме прстот на чело, да размислиме што правиме како луѓе. Да го направиме светот уште подобар од претходно. Дали ќе го постигнеме тоа со стихови или ќе изнајдеме друг начин, не е важно. Треба да бидеме ажурни, да не дозволиме да го оштетиме општеството.

Колку често ги посетуваш книжарниците?

Од мене често ќе слушнете дека спијам во книжарниците, ха, ха. Кога одам во книжарница, одам сам. Не сакам друштво во тој момент, зошто сакам на мир да ги разгледам книгите, да видам дали има нови наслови или, пак, дали е веќе објавено нешто што ќе ми фати око. Така што поминувам по неколку часа во книжарниците. Будно ја следам македонската книжевна продукција, па сакам да сум во тек со новите објави колку што можам. Ќе треба да ги преместам книгите од мојата библиотека во посебна соба зашто ги имам многу. И да, да Ви одговорам, сите ми се прочитани.

Колку ги има во твоите песни Гевгелија, Кожуф, Вардар, минатото?

Гевгелија и околината ги има премногу. Мојата поетика е нераздвојна од градот каде што пораснав, а конкретно планината Кожуф, на пример, ја има во мојата песна „Гласот на планината“, таму ѝ се поклонувам на нејзината убавина. Гевгелија е градот што ми ги чува најтоплите спомени, засекогаш ќе биде дел од мојата поетика.

Ја сакаш македонската поетика, кој ти е омилен поет?

Еден од омилените поети ми е Зоран Анчевски. Често го препрочитувам неговото творештво, зашто во неговите стихови ги среќавам и Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Анте Поповски… Навистина плоден автор, чие творештво од срце го препорачувам.

Дали ти е спокојна душата или да преформулирам, повеќе живееш во сегашноста или во сонот? 

Како човек што се занимава со пишување, ова е тешко прашање. Навистина не е едноставно да се одговори. Творењето е дел од мојот живот, па често знам да отпатувам со мислите во некој друг свет. Ја користам сегашноста за да го пренесам сонуваното.

На 64. издание на „Струшките вечери на поезијата“ учествуваа 70 поети од земјава и од странство, меѓу кои беше и ти. Какво е твоето искуство?

Ова беше мое прво гостување и се трудев да присуствувам на сите настани, но и да запознаам нови луѓе, некој што има различна поетика од мојата, што чита поинаква литература. Горд сум што Македонија е домаќин на овој поетски фестивал од светски ранг. Запознавањето со други поетеси и поети од странство помогна да се родат нови пријателства, чија папочна врвца е токму поезијата.

Колку ја негуваме културата во ова „зовриено“ време?

Не само колку, но и дали ја негуваме е исто толку важно прашање. Некои би рекле дека тоа зависи од оние што се поставени на одредени места, задолжени за одржување на културниот развој, меѓутоа тоа е погрешен поглед на нештата. Да се седи со скрстени раце во време кога развојот на културата е повеќе од потребен е на рамниште на предавство. Не смееме да дозволиме културата да страда, тоа е смртоносно за сите земји, не само за нашата. Треба сите да дејствуваме, без разлика дали сме на челните места или не.

Гевгелија беше прогласена за Град на културата за 2025 година, како ја виде ти оваа година на културни настани во твојот град?

Мора да признаам дека ѝ беше потребно ова на Гевгелија. Имајќи предвид колку многу културни настани се случуваат во другите градови во Македонија, а особено во Скопје, ваквата културна свежина беше доказ дека Гевгелија, како град, е одличен домаќин на културните настани. Уметноста е високо вреднувана од гевгеличани, за што сведочи и редовната посетеност на настаните. Културните настани треба да бидат честа појава не само во Гевгелија туку и насекаде во земјава, тоа е повеќе од потребно.

„Сѐ уште заспивам со книга во рака“, велиш на едно место. Што работиш прекуден?

И прекуден се дружам со книгата. Со моите пријатели често разговарам за одредени авторки и автори и за нивното творештво. Меѓутоа, сето мора да биде умерено, а јас, со работата, успевам да се приспособам. Деновиве го читам романот „Ќе помине и моќта“ од Ирена Јурчева, приказната е многу интересна, со нетрпение го чекам крајот.

Те милувал ли животот досега, имаш ли нешто да му префрлиш?

Ако не му префрлам, ќе излезе дека сè што се случува во мојот живот е режирано од некој друг. Не сакам кога сè во животот оди како подмачкано, така се создава монотонија во која мнозина знаат да потпаднат.

Колку си исплашен за иднината на светот?

Не се плашам за иднината зашто сè уште не дошла. Но, секој може да направи по едно-две нешта што би имале позитивно влијание на иднината.

Уметноста може да го смени светот. Фикција или реалност?

Уметноста е двигател на промените. Тие промени треба да водат кон позитивни резултати.

За крај, која твоја песна ти е омилена?

Моја омилена песна е „Нацртана душа“, таа се најде на задната корица од стихозбирката. Во оваа пригода, ќе ги споделам и стиховите од песната.

Нацртана душа

Кога исцртуваш нечие тело,

тој цртеж станува песна

и ја чува душата по смртта.

 

Цртежот е жив: ене го,

трча низ дланките,

детето во него се вратило,

пак да гради спомени во песокот.

 

 

ИЗДВОЕНИ