Утре на владина седница ќе се разгледува иницијалниот проект „брза пруга“ со кој се планира да се изгради паралелен колосек на постојната пруга од Табановце до Гевгелија и во најголем дел поминува по течението на реката Вардар. Од Здружението „Инженери на Република Македонија“ сметаат дека сега е можност да се промени трасата на железничката пруга за да се резервира просторот за реализација на проектот „Вардарска долина“ со изградба на 12 мали хидроцентрали.

Во претставката до Владата и Министерството за транспорт, Инженерите на Македонија објаснуваат дека трасата на брзата пруга може да биде адаптирана на локации каде би ги зачувала просторните можности на „Вардарска долина“ овозможувајќи истовремено и модерна транспортна инфраструктура и развој на хидроенергетиката.

– Во време кога светот се стреми кон обновливи извори на енергија и одржлив развој, „Вардарската долина“ се наоѓа на крстопатот на историската одлука на оваа Влада која ќе го одреди правецот на нашата енергетска иднина. Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратешки столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија – велат од Здружението.

Според нив, изградбата на хидроцентралите ќе донесе многу економски придобивки за државата.

– Тие ќе овозможат значително намалување на зависноста од фосилните горива, ќе ја зајакнат енергетската безбедност на земјата, акумулациите и системите за наводнување ќе го зголемат приносот во земјоделството, ќе се обезбеди стабилно управување со водните ресурси и заштита од поплави, а ќе се обезбеди и заштита на плодното земјиште преку намалување на ерозијата. Придобивките од обновливата енергија се инвестиција не само во денешницата туку и во иднината на нашите деца и внуци. Меѓутоа, потенцијалот на овој проект е загрозен од тековните планови за трасата на брзата пруга, која, ако се реализира по постojниот колосек, ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во Вардарската долина. Ова не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им го одземеме правото на идните генерации да ги користат енергијата и придобивките од акумулациите. Со концептот „Вардарска долина“ можеме да ја обезбедиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која енергијата тече слободно по Вардар – стои во образложението.

Според професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, тој проект, за разлика од брзата пруга е економски физибилен и ќе може да се отплатува самиот себеси од приходите.

– Овој обновлив извор може да ни носи по 1300 гигаватчасови висококвалитетна електрична енергија годишно, петпати повеќе отколку од „Чебрен“, за речиси истите пари. Според него, тоа изнесува околу 20% од сегашниот бруто конзум во државата и може многу да придонесе за намалување на енергетската сиромаштија и загадувањето.

– Со 500 милиони евра може да се изгради нова електрифицирана пруга од Табановце преку Свети Николе за Гевгелија за брзина до 120 км/час, што е сосема доволно, а со останатите 1,5 милијарди евра може да се изградат хидроцентралите од Вардарска Долина. На тој начин парите би биле рационално употребени, наместо да генерираат 3 милијарди евра загуби од брзата пруга од вложени 2 милијарди – вели Трајковски.

Професорот смета дека како „зелен” проект, Вардарска Долина би можела да се гради со кредит од Европската инвестициска банка или КфВ банката, со каматна стапка од 1,5%-2%, за разлика од британскиот кредит на UKEF чија ефективна каматна стапка, заедно со премијата за ризик од 17,82% и каматната стапка на британските фунти би достигнала 7% и околу 1,1 милијарда поголем наместен трошок и екстра загуба.

Физибилити-студијата „Проектот за интегрално уредување на Вардарската Долина“ направена како резултат на истражувањата на француско-македонски конзорциум во период од 1994 до 2000 година, говори дека од Скопје до Гевгелија по течението на реката Вардар во средно влажна година, околу 3,5-4,5 милијарди кубни метри вода годишно ја напуштаат територијата на Република Македонија за само 60 часа и оттука се загатна прашањето дали може да се забави водата, односно да се задржи барем 60 дена кога е драгоцена за наши потреби.

Со студијата, која доби високо позитивно мислење од пет доктори на науки, освен главниот водотек на реката Вардар, се предвидува директно користење на двете нејзини најголеми десни притоки – Треска и Црна Река. Во клисурниот дел на река Треска во експлоатација е ХЕЦ „Матка“, а во меѓувреме се изгради ХЕЦ „Козјак“ и ХЕЦ „Св.Петка“. На река Црна Река се предвидува изградба на три каскадни акумулациони електроцентрали: ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“, а во функција е ХЕЦ „Тиквеш“, значи дефиниран е систем „3+1“.

На главниот водотек на река Вардар, на потегот од Скопје до границата со Грција во должина од 200 километри е планирана изградба на 12 хидроцентрали. Две од нив се класични акумулациони: ХЕЦ „Велес“ и ХЕЦ „Градец“, во клисурните делови на долината, а другите електроцентрали се ниски, поточно брани со „булб-турбини“, што значи треба да се изградат 15 нови капитални хидроенергетски објекти.

Со завршување на физибилити-студијата при крајот на 1999 г. се потврди дека од вкупниот воден потенцијал во сливот на река Вардар се искористени само 25 отсто, што значи постои можност за реализација на голем број објекти, како и соработка со странски партнери.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ