понеделник, февруари 9, 2026
Дома СКОПСКА Транспарентно донирање преку онлајн купување   

Транспарентно донирање преку онлајн купување   

17

По повод 10 години од своето постоење, хуманитарната организација „Свети Спас“ започна со поголема достапност до сите, полесна можност за донирање, создавајќи онлајн платформа за донирање –„Хуман маркет“ ( www.humanmarket.mk).

Од хуманитарната организација појаснуваат дека е креирана платформата „Хуман маркет“ како онлајн платформа што овозможува купување производи чија вредност се донира до социјално загрозените семејства, преку хуманитарната организација.

– Целта е да се овозможи лесен и транспарентен начин на донации преку секое онлајн купување, со јавна отчетност и јавна база на поддржувачи. Нашата хуманитарна организација создава иновативна онлајн платформа што овозможува купување продукти, каде што секое купување е, всушност, директна донација. Целта е адекватна помош и транспарентна отчетност за донациите, со визија да станеме лидер во хуманитарната онлајн помош на национално ниво – соопштија од „Свети Спас“.

Платформата опфаќа онлајн маркет каде што луѓето купуваат производи што веднаш им се донираат на ранливите групи. Опслужува различни профили на донатори: поединци, компании и други организации. Клучната поента е транспарентност и јавно објавување на сите средства и производи што се донираат.

Од хуманитарната  организација објаснуваат како може да се купи и  да се донира. Треба да се посети веб-страницата  www.humanmarket.mk, потоа треба да се избере „Донација“ или да се додадат производи во кошничката. Се плаќаат минимално 100 денари со картичка, се избира дали се сака да биде анонимно или не.

– Визијата на платформата е да воведеме новост во донирањето, да ја искористиме технологијата и да станеме водечка хуманитарна онлајн платформа во земјава, која ќе обезбедува иновативни и ефективни алатки за поддршка на најранливите категории, преку јасна комуникација и изградба на доверба меѓу корисниците – потенцираат  од хуманитарната организација „Свети Спас“.

Оттаму информираат дека во јануари биле собрани вкупно 128.019,00 денари преку „Хуман маркет“ и дека имало 40 нарачки и продажба на 419 продукти.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ