„За свеченото отворање под наслов „Трансформација на сетилата“ со особена чест ги најавувам, Едвин Оутвотер – диригент, Клер Хуангчи – пијано од Соединетите Американски Држави, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер. На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии“, истакна на денешната прес- конференција директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски

 

Американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи ќе го отвори јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид. Ова денес го обелодени директорот на Националната установа „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, на прес-конференција на која беше промовирана програмата на годинешното фестивалско издание.

„За свеченото отворање под наслов „Трансформација на сетилата“ со особена чест ги најавувам, Едвин Оутвотер – диригент, Клер Хуангчи – пијанистка од Соединетите Американски Држави, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер. На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии“, истакнува Цуцковски.

Тој додаде дека при конципирањето на програмата се запазени највисоките критериуми на фестивалот со што со гордост го најави, како што вели „кремот на светската музичка елита во Охрид“.

„Би ги издвоил најеминентните пијанисти Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот како и легендарната кастањета уметница Лучера Тено во дуо со еден од најзастапените светски харфисти Хавиер де Маестре како и многи други. Особено сум горд на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија, како и на оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто. Претстава за деца, два џез концерти меѓу кои еден на познатиот охридски уметник Дамјан Пејчиновски, како и настап на Националниот џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути претставуваат збогатување на програмата со тенденција да се допре и до најсофистицираните уметнички уживатели“, најави директорот Цуцковски.

Мега спектакл „Кармина Бурана“ за роденденот на Охридско лето

Првиот човек на НУ „Охридско лето“ соопшти и дека годинешното јубилејно 65. издание на фестивалот ќе биде одбележано со богата роденденска програма.

„’Охридско лето’  првпат излегува од рамките на познатите сцени со што на 3 август го презентираме мега спектаклот „Кармина Бурана – Симфонија на Битовите“ во изведба на повеќе од 70 уметници на сцена заедно со познатото електронско дуо IDQ од Република Србија со што воедно ќе ја започнеме и прославата по повод роденденот на фестивалот, кој идниот ден ќе биде прославен онака како што и е формиран, со рецитал на оперска пеjачка, тогаш истакнатата Ана Липша-Тофовиќ, а сега со нашата примадона со најголема интернационална кариера и бисерен глас, Ана Дурловски“, појасни директорот Цуцковски.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, потенцира дека „Охридско лето“ е многу повеќе од фестивал.

„’Охридско лето е симбол на културната зрелост на нашата држава, симбол на отвореноста кон светот, симбол на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја. И оваа година, фестивалот ќе донесе програма која го задржува врвниот уметнички стандард, но и ќе ја отвора вратата за нови културни перспективи. Ќе имаме уметници од меѓународен ранг, но и македонски имиња кои блескаат на светските сцени – солисти, оркестри, театарски ансамбли, модерни проекти и традиционални изведби“, кажа министерот Љутков.

Според него „Охридско лето” е и голем двигател на туризмот.

„Во текот на фестивалските денови, Охрид ќе биде центар на меѓународно внимание. Илјадници посетители, туристи, љубители на културата, уметници и медиуми доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата“, рече тој.

Годинава 29 музички настани со над 300 уметници

Како што рече селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Симона Ѓорчева, музичката програма годинава ќе понуди 29 музички настани со учество на повеќе под 300 уметници од САД, Кина и Европа. Целта, според неа, е да се создаде платформа за културна размена на врвно ниво.

„Програмата ја изработивме со огромен и интензивен ангажман, во тесна и секојдневна соработка со сите засегнати страни и институции, постојана размена на идеи и информации, како и детално усогласување на  музичко-културните аспекти и особености со директорот Цуцковски. Благодарение на оваа динамична тимска работа, за рекордно кратко време успеавме да составиме програма која, верувам, ќе ја одобри и ќе ја воодушеви и публиката“, рече Ѓорчева.

Според селекторот на драмската програма Ненад Витанов, фестивалот „Охридско лето“ е конципиран како меѓународна уметничка платформа за промоција и изведба на најдобрите уметнички дела од Македонија и светот.

„Оваа година во драмската програма ќе имаме чест да проследиме мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар, постановки на мајстори на режисерскиот занает, визуелни слики кои креираат нов свет пред нашите очи. Сигурен сум дека ќе биде провокативно и инспиративно за театарската публика да се проследат дејствијата на претставите кои се протегаат низ пет векови актуализирајќи ги одново вечните човекови сомнежи, копнежи, идеали, разочарувања, воздигнувања, стремежи, очекувања, откажувања, борби, победи, порази, уверувања, жртвувања, мечтаења, соништа…“, кажа драмскиот селектор Витанов.

Две македонски и една европска театарска премиера

Како и музичката, и драмската програма ќе понуди незаборавни мигови за публиката од сите возрасти. Годинава на „Охридско лето“ ќе бидат одиграни две премиери, претставата „Амадеус“ во продукција на Турски театар Скопје и претставата „Рута“ во продукција на Драмски театар Скопје, а европска премиера ќе има и театарската претстава „Електра“ во продукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја и НУ „Охридско лето“. Покрај тоа што најмладата публика ќе ужива во претставата на ОХО Продукција, театарската публика ќе има можност да ја видат претставата која е најнаградувана годинава и воедно е и претстава на годината, „12“ во продукција на Македонски народен театар. Ќе биде изведена и монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.  Како што најави директорот Цуцковски, годинешната тема е  „Уметноста трансформира“ што укажува на моќта на уметноста да го менува општеството, да инспирира и да создава нови перспективи. Охридскиот паун, препознатлив симбол во македонската култура и традиција, ќе биде идејно решение за 65. фестивалско издание. Програмата на „Охридско лето“ од вчера е објавена на веб-страницата на фестивалот.

ИЗДВОЕНИ