За модерен, брз, ефикасен, удобен и доверлив јавен превоз, најсоодветен и економски најисплатлив е брзиот автобуски превоз или т.н. бас рапид транзит (БРТ), но не таков каков што го предлагаше поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, туку со трамваи на гумени тркала, кои би се движеле по десната коловозна лента, со максимален приоритет на поминување на крстосниците и онаму каде што е регулиран сообраќајот со светлосна сигнализација, вели Ленин Јовановски, познавач и учесник во јавниот градски превоз, кој истражувал на оваа тема.
– Условите што може да се обезбедат со модерните возила и со издвоената десна коловозна лента за нив, даваат резултат како и метрото, а е далеку, далеку поевтина варијанта. Сето ова е изводливо, но треба да постои стручност, желба и компетентност за реализација, што никогаш досега не било направено. И токму затоа состојбата со јавниот превоз во Скопје е таква каква што е. Не е само хаотична туку и во колапс – наведе Јовановски
Ако сака Скопје да има модерен, брз, ефикасен, удобен и доверлив јавен превоз, најсоодветен и економски најисплатлив е брзиот автобуски превоз или т.н. бас рапид транзит (БРТ). Ова го покажале истражувањата на Ленин Јовановски, добар познавач на состојбите во јавниот градски превоз во Скопје, со учество на неговото приватно претпријатие за превоз на патници „Слобода превоз“, а сега како сопственик на „Слобода бус превоз“. Меѓутоа, додава тој, не таков БРТ каков што беше предложен од поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, туку со употреба на трамваи на гумени тркала, кои би се движеле по десната коловозна лента со максимален приоритет на поминување на крстосниците и онаму каде што е регулиран сообраќајот со светлосна сигнализација.
– Условите што може да се обезбедат со модерните возила и со издвоената десна коловозна лента за нив, даваат резултат како и метрото, а е далеку, далеку поевтина варијанта. Сето ова е изводливо, но треба да постои стручност, желба и компетентност за реализација, што никогаш досега не било направено. И токму затоа состојбата со јавниот превоз во Скопје е таква каква што е. Не е само хаотична туку и во колапс – тврди Јовановски.
Тој додава дека не треба да се зема предвид само цената туку и многу други фактори, како што е времето на реализација, градежните активности, влијанието на целата таа активност врз економијата и врз луѓето што живеат онаму каде што се изведуваат активностите…
Сепак, Јовановски се надева дека стручни лица ќе имаат храброст да се инволвираат во овој процес, бидејќи, како што вели, нема друг начин да се подобри со состојбата во јавниот превоз.
За да се нормализира состојбата со јавниот градски превоз во главниот град, тој вели дека најпрво треба да се средат состојбите во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) со менаџирањето, но и со неговата организација и, конечно, да се оптимизираат линиите, кои во моментот се нефункционални и несоодветни на потребите на бројот на патници. Според Јовановски, и мрежата на линии треба целосно да претрпи ревизија.
– Постои систем за автоматско следење на возилата и за автоматска наплата. Во возилата постои систем што нуди голема база на податоци, кои можат да се користат за оптимизација. Но, тие податоци воопшто не се користат сега, ниту, пак,се прават анализи врз таа база на податоци што ја нуди целиот систем, што е голема штета. Понатаму, има премногу непредвидливи трошоци во рамките на ЈСП, лоша организација во системот за одржување на возилата и обезбедување резервни делови. Се распишуваат тендери и се прават набавки, кои подоцна се покажуваат скапи и неисплатливи, бидејќи иако тендерот го добил економски оператор што понудил најниска цена, не биле земени предвид подоцнежните финансиски зафаќања од тој аспект – образложува Јовановски, потенцирајќи дека дури потоа треба да стане збор за обновување на возниот парк и за воведување нов систем и концепт на работа на целиот јавен превоз.
Според него, тоа треба да опфати интервенции во обнова на возниот парк и интервенции во сообраќајната инфраструктура, која ќе го забрза јавниот превоз, а ќе ги деморализира корисниците на патнички возила.
– Ова подразбира усогласување на трите урбани слоја, воспоставување мрежа на нив и меѓусебно интегрирање на тие три мрежи. Сепак, се работи за широк опсег, за сложен процес на кој мора да се работи детално, напорно и професионално и не е нешто што може да се направи прекуноќ бидејќи е долгорочен – заклучи Јовановски.
(А. П.)