Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи ново правило со кое значително ќе се скрати времетраењето на престојот за странски студенти и новинари во САД, како дел од построгата имиграциска политика. Според предлогот, на носителите на студентски визи нема да им биде дозволено да останат во земјата подолго од четири години. За странските новинари престојот ќе биде ограничен на 240 дена, со можност за продолжување за ист период, додека за новинарите од Кина лимитот ќе биде само 90 дена.
Досега студентските визи важеле за времетраењето на програмата за која се издаваат, што им овозможуваше на студентите да останат во земјата сè додека трае нивното образование. Предлогот е објавен во официјалниот весник на федералната влада – Federal Register, со што започна краток период за јавни коментари пред тој да стапи во сила.
Министерството за внатрешна безбедност во образложението наведе дека претходните влади дозволувале странците да остануваат речиси неограничено, што според нив носело безбедносни ризици, трошоци за американските даночни обврзници и неповолна положба за домашните граѓани.
Сепак, статистиките покажуваат поинаква слика. Според податоците на Министерството за трговија, меѓународните студенти во 2023 година придонеле со повеќе од 50 милијарди долари во американската економија. Во академската 2023/2024 година, САД примиле над 1,1 милион странски студенти – повеќе од која било друга земја – при што тие најчесто плаќаат целосна школарина и претставуваат значаен извор на приходи за универзитетите.
„Ова предложено правило испраќа порака до талентираните поединци ширум светот дека нивниот придонес не се цени во САД,“ изјави Миријам Фелдблам, раководителка на организација што ги застапува лидерите на американските високообразовни институции.
Последниве недели администрацијата на Трамп го засили спроведувањето на имиграциските закони. Средината на август Стејт департментот објави дека од јануари поништил 6.000 студентски визи, а околу 55 милиони носители на визи биле предмет на зголемени проверки.