Трамп ѝ дозволи на Украина напади длабоко во Русија

533

Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, во интервју за „Фокс њуз“ потврди дека претседателот Доналд Трамп му дал одобрение на Киев да изврши напади со долг дострел на руска територија, што според него е дозвола за напад длабоко во Русија.

Тој откри дека за време на средбата со Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал ракети „томахавк“, кои имаат дострел до 2.500 километри, за што, како што рече, сè уште не е донесена одлука. Тој оцени дека Москва не ги постигнува своите цели.

– Доколку победеа, веќе ќе беа во Киев, Одеса, преку Днепар, посочи Келог.

Потпретседателот Џеј Ди Венс во интервју за „Сандеј тајмс“ избегна директен одговор на прашањето дали е донесена одлука на Украина да ѝ се достават ракетите.

Во последните недели, американскиот претседател е сè поостар кон рускиот претседател Владимир Путин. Венс, кој во интервјуто потврдува дека има пресврт во американската политика кон Украина рече дека поради огромните човечки загуби и тешките последици за економијата, е „јасно дека е време“ Русија да седне на преговарачка маса и сериозно да разговара за мир во Украина.

– Руската економија е во хаос. Русите не постигнуваат многу на бојното поле. Јасно е дека е време да го послушаат неговиот страстен апел да седнат и навистина сериозно да разговараат за мир, рече Венс во интервјуто за „Фокс њуз сандеј“.

ИЗДВОЕНИ