Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите контролори на летање мора да се вратат на работа „веднаш“, заканувајќи се дека оние кои нема да го сторат тоа ќе бидат „значително казнети“.
Трамп рече дека на контролорите кои не земале слободни денови за време на „демократското затворање на владата“ и се покажале како „големи патриоти“ ќе им биде понуден бонус од по 10.000 долари за нивниот извонреден придонес во земјата.
„На оние кои само се жалеле и земале слободни денови, иако знаеле дека наскоро ќе им бидат целосно платени, не сум задоволен! Не застанавте со САД против лажниот демократски напад кој имаше за цел да ѝ наштети на нашата земја. Ќе имате негативна трага во вашето досие, барем според мене!“, рече Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.
Американскиот претседател додаде дека оние кои сакаат да ја напуштат службата можат да го сторат тоа без право на плата или отпремнина, бидејќи брзо ќе бидат заменети со „вистински патриоти“ кои ќе работат со нова, модерна опрема, „најдобрата во светот“.
Затворањето на федералната влада доведе до сериозен недостиг на контролори на летање, кои, како и другите федерални вработени, не ги примиле своите плати со недели, потсетува Ројтерс.
Службениците велат дека не е јасно како контролорите би можеле да бидат санкционирани според синдикалниот договор, ниту пак е дефинирано потеклото на предложениот бонус од 10.000 долари на Трамп.
Минатата недела, директорот на Федералната администрација за воздухопловство (FAA), Брајан Бедфорд, изјави дека 20-40 проценти од контролорите на 30-те најголеми американски аеродроми не доаѓаат на работа секој ден откако започна затворањето на владата.












