Светскиот економски форум во Давос ја надминува економската рамка. Годинава, Форумот се одвива во сенка на засилени геополитички тензии и интензивни економски преговори, при што големите, но и малите држави се обидуваат да ги зацврстат своите меѓународни и економски позиции. Во таков контекст, премиерот Христијан Мицкоски, предводејќи висока владина делегација, ја претставува Македонија како атрактивна дестинација за странски инвестиции, додека паралелно, Форумот е обележан и со острата реторика меѓу Европската Унија и САД околу Гренланд и најавените американски царини. Давос повторно се потврдува како централна сцена каде што се вкрстуваат економските амбиции, безбедносните прашања и глобалната дипломатија.

Фон дер Лајен: Царините се грешка, ЕУ ќе одговори обединето!
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од говорницата во Давос упати јасна порака дека Европската Унија ќе одговори обединето, непоколебливо и пропорционално доколку Соединетите Американски Држави ги реализираат најавените царини поврзани со спорот околу Гренланд. Таа оцени дека воведувањето дополнителни трговски бариери меѓу долгогодишни сојузници претставува сериозна грешка и предупреди дека ескалацијата би можела да има пошироки геополитички последици.

– Предложените дополнителни царини се грешка, особено меѓу долгогодишни сојузници. Во политиката, како и во бизнисот, договор е договор. Втурнувањето во опасна надолна спирала само би им помогнало на оние противници кои двајцата сме посветени да ги држиме подалеку од нашиот стратешки пејзаж, порача Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Европската Унија и понатаму останува отворена за дијалог и за соработка со САД, особено во областа на арктичката безбедност, која, според неа, може да се гарантира само преку заеднички напори. Сепак, беше јасна дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и на Гренланд не се предмет на преговори, најавувајќи целосна солидарност и зголемување на европските инвестиции во регионот.
Со говорот во Давос, Фон дер Лајен се обиде да испрати порака на цврстина и на единство од Брисел, но и сигнал дека ЕУ ќе се обиде да ги решава тензиите преку дипломатија, сè додека тоа е возможно.
Сега на потег е Трамп. Најавено е дека тој утре ќе пристигне во швајцарското одморалиште, каде што се очекува попладнето да има обраќање. Трамп го оцени прашањето за островот како клучно за глобалната безбедност, најави разговори за Гренланд во Давос и соопшти дека веќе имал телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
– Како што им е многу јасно кажано на сите, Гренланд е од клучно значење за националната и за светската безбедност, околу тоа сите се согласуваат, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа „Трут соушал“, пред доаѓањето во Давос.
Американскиот претседател и претходно изјави дека САД за време на Светскиот економски форум ќе разговараат за преземање на Гренланд, оценувајќи дека Данска, според него, не е во состојба соодветно да ја заштити таа територија.
Во меѓувреме, американскиот министер за финансии од Давос побара да прекине хистеријата за Гренланд.
– Поминаа 48 часа. Како што реков, опуштете се. Уверен сум дека лидерите нема да ескалираат и дека ова ќе се реши на начин што, на крајот, ќе доведе до многу добра позиција за сите, им рече Бесент на новинарите на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Белата куќа соопшти и дека американскиот претседател ќе ја искористи можноста на Светскиот форум да го промовира неговиот Одбор за мир и утре ќе ја потпише Повелбата на Одборот за мир во Газа, за кој постојат стравувања дека Трамп би можел да се стреми да формира конкурентска организација на Обединетите нации, која тој постојано ја критикуваше како нефункционална.
Македонија како дестинација за инвестиции
На 56. годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, под мотото „Во духот на дијалогот“, учествуваат околу 3.000 лидери од целиот свет, меѓу кои 65 шефови на држави и влади и преку 850 извршни директори на водечки компании.
Премиерот Христијан Мицкоски пристигна во Давос придружуван од висока владина делегација, најавувајќи интензивна агенда со фокус на економијата, инвестициите и стратешките развојни проекти. Мицкоски соопшти дека ќе учествува на три панели на кои ќе ги презентира можностите за инвестирање во Македонија, како и дека ќе оствари бројни билатерални средби со претставници на светски компании и финансиски институции, со посебен акцент на енергетиката и на технологијата.
– Следниве денови ќе имаме многубројни состаноци, кои очекуваме значително да влијаат на подобрување на економската состојба и на привлекување голем број инвестиции. Ќе бидам учесник на три панели на кои ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, истовремено ќе оствариме и многубројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос, изјави премиерот Мицкоски.
Како што е најавено, на панел-дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација, ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, предвидено е премиерот Мицкоски да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски пораст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти. (В. С. Н.)
Трамп, на социјалните мрежи, ги „обои“ Канада и Гренланд во американски бои

Американскиот претседател Доналд Трамп ја заостри реториката за територијално проширување, споделувајќи манипулирани фотографии на социјалните мрежи кои сугерираат проширување на американската контрола врз Канада и обновувајќи ги повиците САД да го преземат Гренланд. На една од фотографиите, Трамп е прикажан во Овалната соба со европски лидери, покрај табла со мапа на Западната хемисфера, на која САД, Венецуела, Гренланд и Канада се прикажани во црвено-бело-сини бои.
Трамп во повеќе наврати ја изнесе идејата Канада да биде ставена под американска контрола, па дури и да стане „51. сојузна држава“, што предизвика бурни реакции во Отава.
Оригиналната фотографија е од август, кога Трамп се сретна со европски лидери за разговори за војната во Украина, меѓу кои беа Урсула фон дер Лајен, Кир Стармер и Џорџа Мелони.
На друга фотографија, споделена вчера, Трамп е прикажан како поставува американско знаме на Гренланд, заедно со потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. На натписот стои: „Гренланд – територија на САД, основана 2026“.
ЕУ под притисок на рокот – ќе ја спречи ли царинската офанзива од Трамп?!
Бриселските медиуми оценуваат дека со приближувањето на 1 февруари кога треба да стапат во сила најавените американски царини кон осум земји од Европа, кои се противат на преземањето на Гренланд од страна на САД, европските лидери кројат планови како да го убедат Трамп да се откаже од аспирациите.
Според „Еурактив“, се добива впечаток дека засега европските лидери се фокусирани на купување време на Светскиот економски форум надевајќи дека ќе ги смират тензиите преку воздржаност наместо конфронтација и дека Трамп нема дополнително да ги ескалира работите во своето обраќање во Давос.
„Политико“, пак, гледајќи го однесувањето на европските лидери, оценува дека изгледа како да постојат неколку планови меѓу нив, со што предизвикуваат стравувања дека во ЕУ не постои единство кога станува за тоа како да се одговори на заканите на Трамп.
Во вакви услови, по денешниот говор на Трамп, за утре претпладне е закажан нов состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) како подготовка за вонредниот самит на Унијата предвиден за вечерта во Брисел. По ова, за петок е закажан состанок на еврокомесарите во формата Колеџ за безбедност, формат воведен минатата година со задача за справување со закани.
Паралелно со ова, како што најавија од Европската комисија, претставници на ЕУ разговараат со нивни американски колеги на сите нивоа.
Во ЕУ постои поделеност околу тоа како најдобро да се одговори на заканите на Трамп, при што Франција бара да се употреби инструмент против принуда наречен трговска базука, со кој американските фирми би се исклучиле од единствениот пазар на блокот, додека други членки повикаа на воздржаност и дијалог.
Засега останува најавата за контрацарини кон САД во износ од 93 милијарди евра, кои би стапиле во сила од 7 февруари доколку дотогаш не биде постигнат некаков договор со Вашингтон за царините што би требало да бидат воведени на 1 февруари.












