Трамп: Виткоф со Путин, а Дрискол со Украинците ќе работат на завршување на мировниот план

20
EPA/YURI GRIPAS / POOL

Специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а истовремено, американскиот воен секретар Ден Дрискол, ќе се сретне со украински претставници за да го финализира мировниот план за Украина, објави денеска американскиот претседател Доналд Трамп.

„Ќе бидам информиран за секој напредок, заедно со потпретседателот Џej-Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, секретарот за војна Пит Хегсет, како и шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс“, напиша Трамп на својата мрежа Truth social.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе се сретне со Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само ако планот за завршување на војната е завршен или е во завршна фаза.

Трамп истакна дека во текот на изминатата недела е постигнат голем напредок во завршувањето на војната и го повтори своето тврдење дека војната меѓу Русија и Украина немаше да започне во 2022 година ако тој беше претседател во тоа време.

Тој изјави дека во последниот месец, 25 000 војници загинале во војната и дека мировниот план, кој првично содржел 28 точки, сега е ревидиран со приговорите на Украина и САД, и дека остануваат само неколку точки несогласување.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски попладнево објави дека неговата земја е подготвена да продолжи со рамката на мировниот договор во соработка со САД и Европа, пренесоа британските медиуми.

Повикувајќи се на текстот од говорот до кој имал увид, Ројтерс наведува дека украинскиот лидер попладнево ѝ соопштил на „Коалицијата на подготвените“ дека сите безбедносни одлуки што се однесуваат на Европа мора да ги вклучат и европските земји.

Зеленски истакна дека е подготвен да разговара за чувствителните точки од мировниот договор со Доналд Трамп, но нагласи дека и европските лидери мора да учествуваат на тој состанок.

Тој, исто така, ги повика европските лидери да изработат функционална рамка за распоредување на таканаречените „сили за убедување“ во Украина. Како заклучок, тој рече дека сојузниците на Киев треба да продолжат да ја поддржуваат Украина сè додека Русија не покаже подготвеност да ја прекине својата инвазија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази желба за итен состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, потенцијално уште за Денот на благодарноста, со цел финализирање на договорот за завршување на војната. Оваа информација ја потврди шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, пишува порталот „Аксиос“.

ИЗДВОЕНИ