Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека би било глупаво да се одбие авион што Катар им го нуди на САД.
„Мислам дека тоа е убав гест од Катар. Многу сум благодарен. Не сум од оние што одбиваат таква понуда. Би можел да бидам глупава личност и да кажам: „Не, не сакаме да ни дадете многу скап авион“, рече американскиот претседател во Белата куќа, пишува „АФП“.
Веста за подарокот од 400 милиони долари – луксузен џамбо авион „Боинг 747-8“, наменет да биде подарок за владејачкото семејство во Катар за време на турнејата на Трамп на Блискиот Исток што започнува утре, предизвика критики од некои демократи, како и од сојузниците на Трамп.
Катарската влада соопшти дека не е донесена конечна одлука за ова прашање. Но, Трамп ја бранеше идејата, според која претседателот би прифатил неверојатно вреден подарок од владата, претставувајќи го како фискално паметен потег од страна на владата.
Трамп вели дека авионот на крајот ќе биде повлечен од употреба и ќе стане експонат во неговата идна претседателска библиотека. Тој рече дека нема да го лета кога ќе ја напушти функцијата.
Трамп додаде дека катарските лидери знаат дека „Боинг“ бил принуден да ја одложи изградбата на следната генерација на „Ер Форс Уан“ и дека сака да помогне со тоа што ќе го даде авионот на американската влада.
Четири демократски сенатори издадоа заедничка изјава во која тврдат дека Трамп би имал „јасен судир на интереси“ ако го прифати луксузниот авион од Катар вреден 400 милиони долари.