Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација одиграла клучна улога во спречувањето на сериозен конфликт меѓу Индија и Пакистан, кој, како што тврди, бил на работ на нуклеарна ескалација.
Во интервју за Фокс њуз, Трамп рече дека благодарение на итните дипломатски напори, успеал да ги смири тензиите по сериозен воен конфликт меѓу двете земји.
Ова можеше да биде нуклеарна војна. Беше блиску. Сите велеа „посилно, посилно“. И тогаш интервениравме – и сега сите се задоволни – изјави тој.
Трамп нагласи дека ја користи трговијата како средство за дипломатија, истакнувајќи дека САД се подготвени да ги прошират економските врски со Пакистан. Тој ги пофали Пакистанците како „брилијантни луѓе“ и нагласи дека сакаат повеќе да тргуваат со САД, иако сегашните трговски односи се ограничени.
Од друга страна, тој ја критикуваше трговската политика на Индија, нарекувајќи ја „најпротекционистичката во светот“, но додаде дека Индија покажува подготвеност да ги намали царините во трговијата со САД.
Конфликтот меѓу Индија и Пакистан ескалира кон крајот на април по смртоносниот напад во Пахалгам, за кој Индија го обвини Пакистан, иако јавно не беа презентирани докази. Следеа остри мерки од двете страни – суспензија на трговијата, затворање на границите и дипломатските претставништва и сериозна воена размена, вклучително и ракетни напади и соборување авиони.
Врвот дојде на 10-ти мај, кога двете страни извршија напади врз воени цели. По интензивните дипломатски активности во текот на ноќта, Трамп најави прекин на огнот на 11 мај, што подоцна го потврдија и претставниците на Индија и Пакистан.
Пакистан јавно им се заблагодари на Трамп, Кина и земјите од Персискиот залив што помогнаа да се смири кризата, додека Индија ја омаловажи улогата на странски посредници, тврдејќи дека примирјето е резултат на билатерални разговори.
Трамп, сепак, повтори дека трговијата е клучот за неговиот пристап кон мирот.
Не треба да тргуваме со проектили – ајде да тргуваме со работите што ги правите – рече тој, позиционирајќи се како главен посредник меѓу двете нуклеарни сили.