Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес ќе одржи состанок во Белата куќа за следните чекори во врска со Венецуела, објави CNN, повикувајќи се на неименувани извори.
Се очекува да присуствуваат клучни членови на кабинетот на Трамп и тимот за национална безбедност, вклучувајќи го министерот за одбрана Пит Хегсет, претседателот на Здружениот штаб на вооружените сили, генерал Ден Кејн и државниот секретар Марко Рубио, како и началникот на Генералштабот на Белата куќа, Сузи Вајлс и заменик-началникот на Генералштабот, Стивен Милер.
Средбата е закажана да започне во 17 часот по локално време, или 23 часот по централноевропско време, во Овалната соба.
Трамп вчера потврди дека разговарал телефонски со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но не даде детали од разговорот. „Не сакам ништо да коментирам, но одговорот е да. Не би рекол дека поминало добро или лошо. Беше телефонски повик“, рече Трамп.
Коментирајќи ја неговата претходна изјава дека воздушниот простор над Венецуела треба да се смета за „целосно затворен“, Трамп рече дека го сторил тоа „затоа што ја сметаме Венецуела за многу непријателска земја“.
Вашингтон претходно издаде предупредување за воздухопловство поради зголемената воена активност во регионот.
Американскиот републикански сенатор Марквејн Малин рече дека САД му понудиле на Мадуро опција да „оди во Русија“ или некоја друга земја. Друг републикански сенатор Линдзи Греам рече дека Мадуро „контролира нарко-терористичка држава која ја труе Америка“.
Венецуела во неделата побара од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да ѝ помогне да ја запре агресијата на САД.
„Се надевам дека можам да сметам на вашите најдобри напори да помогнете во запирањето на оваа агресија, која се подготвува со сè поголема сила и која сериозно ја загрозува рамнотежата на меѓународниот пазар на енергија“, напиша венецуелскиот претседател Николас Мадуро во писмо до ОПЕК.












