Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација спречила глобална економска депресија со воведувањето царини, истакнувајќи ја важноста на случајот пред Врховниот суд, кој се занимава со неговите вонредни овластувања и царини.
Врховниот суд на САД пред два дена започна со расправа за клучен случај во кој се оспорува употребата на вонредните овластувања од страна на Трамп за воведување широки царини, во спор што би можел да ги редефинира претседателските овластувања во трговијата.
– Доколку не ги воведев царините, целиот свет ќе беше во депресија. Бидејќи, знаете, тоа не беше закана за нас, туку закана за целиот свет. Го направив тоа за светот – тврдеше тој.
Наведувајќи дека неговите царини за Кина се клучни за стабилизирање на глобалната економија, тој рече: „Можам да ви гарантирам дека ако не ставев веднаш царина од 100 проценти за Кина, целиот свет – магнети, ретки земни метали и така натаму – ќе беше блокиран“.
– Имавме многу успешна средба со претседателот на Кина, Си Џинпинг, и со други. Без царините, немаше да се случи тоа – додаде тој.
Царините, кои првично беа 10 проценти за многу земји, се зголемени на 50 проценти за повеќето производи од Бразил и од Индија.
До крајот на фискалната година во септември, САД собраа 195 милијарди долари приходи од царини. Од февруари до септември, околу 176 милијарди долари влегоа во Министерството за финансии.
Противниците на царините тврдат дека толкувањето на Законот за меѓународни економски овластувања (IEEPA) на начин што би му дозволил на претседателот еднострано да воведува глобални царини предизвикува уставни проблеми. Но, администрацијата на Трамп вели дека реципрочните трговски потези биле целосно легални.
Доколку Судот го отфрли неговиот аргумент, претседателот нема да може да го користи IEEPA за воведување царини во иднина.












