Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил да ги одложи воздушните напади врз Киев и другите украински градови седум дена поради, како што рече, екстремно ниските температури во регионот.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги напаѓа Киев и другите градови една недела и тој се согласи“, рече Трамп на состанокот на кабинетот во Белата куќа, наведувајќи го екстремно студеното време како причина за барањето, според Гардијан.
Трамп додаде дека некои го советувале да не го „троши повикот“ бидејќи, како што му било кажано, нема да добие таква отстапка, но дека рускиот претседател сепак се согласил со неговото барање.
Во меѓувреме, украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал изјави дека околу 610.000 потрошувачи во Киев останале без електрична енергија поради недостиг на електрична енергија предизвикан од руското гранатирање.
Најголемиот производител на електрична енергија во Украина, ДТЕК, претходно објави дека Киев преминува од вонредна состојба во привремен прекин на електричната енергија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за, како што рече, можноста да се обезбеди поголема безбедност за Киев и другите украински градови за време на екстремниот зимски период.
Зеленски реагираше откако беше објавено дека руските сили привремено ќе ги прекинат нападите врз Киев и другите урбани центри седум дена, поради екстремно ниските температури што дополнително ја влошија енергетската ситуација во земјата.












