вторник, јануари 20, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Трамп се закани со царини од 200 проценти за француските вина и...

Трамп се закани со царини од 200 проценти за француските вина и шампањи, рече дека Макрон многу наскоро ќе ја напушти функцијата

116
EPA/YOAN VALAT / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги погоди француските вина и шампањ со царини од 200 проценти, во очигледен обид да го убеди францускиот претседател Емануел Макрон да се придружи на неговата иницијатива „Одбор за мир“ насочена кон решавање на глобалните конфликти, објави денес Ројтерс.

Иницијативата на Трамп, која би започнала со справување со Газа, а потоа би се проширила на други конфликти, покренува прашања за улогата на Обединетите нации, а извор близок до Макрон рече дека францускиот претседател има намера да ја одбие поканата за приклучување.

Запрашан за ставот на Макрон, Трамп рече: „Дали го кажа тоа? Па, никој не го сака затоа што многу наскоро ќе ја напушти функцијата“.

„Ќе воведам царина од 200 проценти на неговите вина и шампањи и тој ќе се придружи, но не мора да се придружи“, рече Трамп.

Заканата со царински давачки за виното е дел од поширока офанзива против Европската Унија (ЕУ).

Денес, Макрон е во Давос, каде што се одржува Светскиот економски форум, а треба да се врати во Париз навечер. Помошниците во Елисејската палата изјавија дека нема планови да го продолжат неговиот престој до среда, кога Трамп ќе пристигне во швајцарското планинско одморалиште.

Во уште еден напад врз францускиот лидер, Трамп објави приватна порака од Макрон во која рече дека не ги разбира потезите на Трамп во врска со Гренланд. Во 2027 година, Франција ќе одржи избори за наследник на Макрон.

ИЗДВОЕНИ