Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека би можел да го прекине федералното финансирање за градот Њујорк доколку кандидатот на демократите Зохран Мамдани победи на трката за градоначалник и рече дека наместо тоа ќе го поддржи поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо.
Мамдани, 34-годишен конгресмен од Квинс, предложи политики за подобрување на пристапот до домување и јавни услуги, вклучувајќи бесплатна грижа за деца, замрзнување на киријата и бесплатни градски автобуси.
Во интервју за CBS News, Трамп го нарече „комунист“ и рече дека е „далеку полош од социјалистите“.
„Ако Мамдани стане градоначалник, ќе ми биде тешко да му дадам многу пари на градот Њујорк. Ако имате комунист на власт, сè што правите е губење на парите што ги испраќате таму“, рече Трамп.
Во исто време, Мамдани нагласи дека градот Њујорк ќе продолжи да добива федерално финансирање бидејќи тоа е законска обврска, а не прашање на волјата на претседателот.
„Ќе продолжиме да добиваме федерално финансирање, и тоа не е поради дарежливоста на Трамп. Туку затоа што така вели законот“, рече Мамдани.
Мамдани претходно предупреди дека неговиот противник, поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, ќе биде „марионета на Трамп“ ако победи.
Куомо, пак, тврдеше дека Трамп ќе „го преземе“ Њујорк и ќе ја испрати војската во градот ако Мамдани победи, тврдење што американскиот претседател го отфрли како „лудо“.
Трамп, исто така, рече дека иако не е „обожавател“ на Куомо, ако му се даде избор помеѓу „лош демократ и комунист“, секогаш би го избрал „лошиот демократ“.












