Трамп се сврти против Русија и ја нарече тигар од хартија, а Кремљ му одговори: ние сме мечка, нема мечка од хартија

22

Во порака на својата социјална мрежа, Трамп напиша дека Украина „ќе може да ја врати својата земја во нејзината оригинална форма и, којзнае, можеби и повеќе“. На новинарите им рече дека НАТО треба да соборува руски авиони ако влезат во воздушниот простор на членовите на алијансата, а кога го прашаа дали САД ќе го поддржат тоа, тој рече дека „зависи од околностите“. Песков одговори дека „руските сили напредуваат на сите фронтови во Украина“, додавајќи дека „динамиката на војната е очигледна“. За евентуална средба меѓу Путин и Зеленски рече дека без соодветна подготовка би била ПР-шоу осудено на неуспех

 

Американскиот претседател Доналд Трамп кој пред да стане претседател рече дека руско-украинскиот конфликт може да го реши за 24 часа, десетина месеци подоцна сè уште не може да се одлучи кој е виновен за војната. Деновиве уште еднаш го смени мислењето, па ја нападна Русија, а го пофали украинскиот лидер.

Ако претходно сметаше дека украинските територии окупирани од Русија треба да останат руски, ја фаворизираше Русија, а го критикуваше украинското раководство на чело со претседателот Володимир Зеленски, сега во порака на својата социјална мрежа тврди дека Украина, со поддршка на Европа и НАТО, може да ги врати сите територии изгубени од почетокот на руската инвазија.

– Откако ги запознав и целосно ги разбрав воената и економската состојба на Украина и Русија, и откако ги видов економските проблеми што ова ги предизвикува за Русија, верувам дека Украина, со поддршка на Европската Унија, е во позиција да се бори и да ја врати цела Украина во нејзината оригинална форма. Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, оригиналните граници од каде што започна оваа војна се многу добра опција. Зошто да не? Русија води бесмислена војна три и пол години во која на вистинска воена сила би ѝ требало помалку од една недела да победи. Тоа не е комплимент за Русија. Всушност, ја прави да изгледа како „тигар од хартија“. Кога луѓето од Москва и сите поголеми градови, места и области низ цела Русија ќе дознаат што навистина се случува во оваа војна – фактот дека е речиси невозможно да се добие гас поради долгите редици и сите други работи што се случуваат во нивната воена економија, каде што поголемиот дел од нивните пари се трошат во борбата против Украина, која има голем дух и станува сè подобра и подобра – Украина ќе може да ја врати својата земја во нејзината оригинална форма и, којзнае, можеби и повеќе. Путин и Русија се во големи економски проблеми и сега е време Украина да дејствува. Во секој случај, на двете земји им посакувам сè најдобро. Ќе продолжиме да го снабдуваме НАТО со оружје за да може НАТО да прави што сака со тоа оружје. Среќно на сите, стои во објавата на Трамп.

– Русија е мечка, а не тигар. Нема мечка од хартија, му одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој ја коментираше и изјавата дека Украина би можела да ја врати целата окупирана територија под своја контрола, па рече дека „руските сили напредуваат на сите фронтови во Украина“, додавајќи дека „динамиката на војната е очигледна“. За можноста да има средба меѓу рускиот и украинскиот претседател рече дека, без соодветна подготовка, би била ПР-шоу осудено на неуспех.

Изјавата на Трамп дојде по неговата средба со Зеленски, откако тој зборуваше на Генералното собрание на ОН во Њујорк. За време на таа средба, Трамп ја пофали Украина, нарекувајќи го Зеленски „одличен човек“  кој води „многу добра борба“. Тој, исто така, им рече на новинарите дека НАТО треба да соборува руски авиони ако влезат во воздушниот простор на членовите на алијансата, додека кога беше прашан дали САД ќе го поддржат тоа, тој рече дека „зависи од околностите“.

Објаснување за  драстичната промена на ставот на Трамп даде американскиот државен секретар, Марко Рубио. Тој рече дека руското одложување во мировниот процес во Украина го принудило претседателот да го смени својот став кон Москва. Додаде дека Трамп покажал „извонредно трпение“ во надежта дека ќе постигне дипломатски напредок, но тоа не само што резултирало со стагнација, „туку влеговме во период на она што се чини дека е ескалација, бидејќи Русија во последните недели почна еден од своите најжестоки напади врз Украина од почетокот на војната“. Рубио, исто така, ја предупреди Москва за можни економски санкции и нагласи дека Вашингтон би можел да продолжи да му испорачува оружје на Киев.

– Претседателот е многу трпелив човек. Тој е многу посветен на мирот, но неговото трпение не е бесконечно, рече американскиот државен секретар.

ИЗДВОЕНИ