Трамп се сретнува со Зеленски, па со Путин во обид да стави крај на две војни со еден удар

90

Нешто се помести на дипломатската шаховска табла меѓу Трамп и Путин, пишува аналитичарот на „Скај њуз“, Дејвид Блевинс.

Во пресрет на средбата на американскиот претседател, Доналд Трамп, со украинскиот претседател, Володимир Зеленски, која беше најавена за синоќа по наше време, откако Трамп претходно речиси два часа разговараше по телефон со рускиот лидер, Владимир Путин, „Скај њуз“ наведува дека можноста да ѝ се обезбедат на Украина крстосувачки ракети „томахавк“ ги менува работите.

Во услови на шпекулации дека Вашингтон може да му даде на Киев пристап до ракетите „томахавк“, „нешто се помести на таблата“, пишува Блевинс, опишувајќи ја ситуацијата како дипломатски шах.

– Се чини дека самата можност за поголема американска воена помош за Украина беше повод за враќањето на Русија во преговорите – наведува тој.

Високи претставници од Вашингтон и од Москва ќе се сретнат следната недела, а Трамп и Путин, кои последен пат се сретнаа лично во август, на Алјаска, наскоро повторно ќе се сретнат во Будимпешта. На прашањето дали верува американскиот претседател дека наскоро ќе може да ги доведе Путин и Зеленски на иста маса, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, одговори: „Мислам дека тој мисли дека е можно и, секако, би сакал да го види тоа“.

Сепак, во моментов нема планови украинскиот претседател да им се придружи на Трамп и на Путин во Будимпешта, што ги загрижува Киев и неговите европски сојузници.

Во контекст на ваквите дипломатски потези, тешко е да се замисли дека САД би можеле да го одобрат барањето на Украина за „томахавки“ во овој момент. Трамп претходно рече дека, можеби, ќе испрати ракети во Украина, но по неодамнешниот телефонски разговор со Путин, го омекна тој став. Само пред неколку недели, Трамп му рече на Зеленски дека „нема мапа во рацете“, а потоа одеднаш го промени тонот и рече дека Украина може да ја врати целата загубена територија. Сепак, сега се чини дека повторно се осврнува на неуспешниот самит на Алјаска, каде што неговите обиди за посредување во прекин на огнот не успеаја.

Трамп сега изразува надеж дека крајот на војната на Блискиот Исток би можел да промовира и мир во Украина, обидувајќи се, како што пишува Блевинс, „да стави крај на две војни со еден удар“.

Но, според изјавата што им ја даде на новинарите во Овалната соба, во четвртокот, нема многу шанси Украина да ги добие бараните ракети.

– И во Соединетите Американски Држави ни требаат „томахавки“ – ги имаме многу, но ни требаат. Не можеме да ги исцрпиме резервите за нашата земја… Не знам што можеме да направиме во врска со тоа – изјави Трамп.

Тој, исто така, рече дека му рекол на Путин со полушеговит тон: „Дали би ви пречело ако му дадам неколку илјади ‘томахавки’ на вашиот противник?“

– Токму тоа го кажав. Нему не му се допадна идејата. Понекогаш мора да бидете малку порелаксирани – рече Трамп.

ИЗДВОЕНИ