
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да воведува царини што требаше да стапат во сила на 1 февруари.
Во објава на Truth Social, тој рече дека, врз основа на „многу продуктивен состанок“ со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, тие „ја воспоставиле рамката за иден договор за Гренланд“, објавува „Би-би-си“.
„Ова решение, доколку се спроведе, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“, рече Трамп.
„Врз основа на овој договор, нема да воведувам царини што требаше да стапат во сила на 1 февруари. Во тек се дополнителни дискусии во врска со проектот „Златна купола“, во делот поврзан со Гренланд“, се нагласува.
„Повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите. Потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и други, по потреба, ќе бидат задолжени за преговорите – и ќе ми известуваат директно“, рече Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе воведе царини за осум европски земји доколку не го поддржат неговиот план за купување на Гренланд.
Американскиот претседател рече дека ќе воведе царина од 10 проценти за увоз во САД почнувајќи од 1 февруари, која ќе се зголеми на 25 проценти до летото доколку не се постигне договор. Не е јасно дали овие царини ќе бидат дополнителни на постојните царини.
Франција и Германија – дел од групата од осум земји во која се и Велика Британија, Данска, Норвешка, Шведска, Холандија и Финска – изјавија дека Европската Унија (ЕУ) треба да биде подготвена да одговори доколку Трамп ги воведе овие даноци.











