Доналд Трамп во петокот изјави дека четврток, 27 ноември, што е американскиот празник Денот на благодарноста, е „соодветниот“ рок за Украина да го прифати неговиот план за решавање на конфликтот.
„Имав многу рокови, а кога работите одат добро, роковите имаат тенденција да се поместуваат. Но, четврток, сметаме, е соодветно време“, изјави американскиот претседател за радио „Фокс њуз“, пренесе „Бета“.
Трамп рече дека ако борбите продолжат, Украинците „за кратко време ќе изгубат“ делови од територијата што ќе мора да ѝ ги отстапат на Русија ако планот биде одобрен.
Според него, и рускиот претседател Владимир Путин „веќе не сака војна“.
Трамп додаде дека неговиот руски колега бил „казнет“ поради должината на конфликтот, кој бил многу подолг отколку што очекувала Москва кога ја започнала инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека ќе понуди алтернативи на планот, кој Киев го смета за многу поволен за Кремљ.












