Американскиот претседател Доналд Трамп наводно размислува за преземање на Гренланд, а Белата куќа потврди дека сите опции се отворени, вклучително и употреба на воена сила. Иако воената операција е само една од низата економски и политички опции, нападот на една членка на НАТО врз друга би бил кошмар за алијансата, па дури и егзистенцијална закана.
Трамп постојано нагласува дека Гренланд е од клучно значење за националната безбедност на САД, тврдејќи, без докази, дека островот е „покриен со руски и кинески бродови“.
Експертите проценуваат дека брза воена операција би можела да се спроведе релативно лесно, со оглед на малото население на Гренланд – околу 58.000 луѓе, од кои една третина живеат во главниот град Нук, пренесува Би-Би-Си.
Островот нема сопствена армија, а Данска е одговорна за неговата одбрана, иако има ограничени воздушни и поморски сили.
Големи делови од островот се под надзор на „Сириус патрол“, данска единица за специјални сили која главно користи санки со кучиња. Данска значително ги зголеми своите трошоци за одбрана во Арктикот и Северниот Атлантик, вклучително и Гренланд, во изминатата година.
Со оглед на неговата големина, малото население и недостатокот на армија, Гренланд би бил лесна цел за Соединетите Американски Држави, кои веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во базата Питуфик на северозападот од островот. Базата, која постои од Втората светска војна, би можела да послужи како логистичка поддршка за сите можни операции.
Данскиот експерт за безбедност Ханс Тито Хансен вели дека 11-та воздушно-десантна дивизија од Алјаска, поддржана од американските воздухопловни сили и морнарицата, би играла клучна улога во инвазијата.












