Американскиот претседател Доналд Трамп за време на тркалезната маса за економија, организирана во Обединетите Арапски Емирати, призна дека нема да има договор за царини со повеќето земји во светот до јулскиот рок што тој самиот го одреди.
Трамп, зборувајќи за царините, рече дека „150 земји ја повикале Америка“ да разговараат на оваа тема, но дека „невозможно е да се сретнеме со сите нив“.
Наместо тоа, Трамп рече дека американските трговски партнери треба да очекуваат поединечни писма од министерот за финансии Скот Бесент и министерот за трговија Хауард Лутник „во одреден момент во следните две до три недели“ „во кои ќе им кажат колку ќе плаќаат за да работат со САД“.
Тој не прецизираше кои земји ќе добиваат писма со информации колку ќе платат, а кои земји сепак ќе имаат можност да преговараат. Во април, Трамп воведе таканаречени реципрочни царини до 50 отсто за околу 60 земји, а истовремено наметна основна царина од 10 отсто за сите странски увози.
Политико пренесува дека едноставно има „премногу земји со кои може да се преговара одеднаш“.
Изјавата е првпат Трамп јавно да признае дека неговата цел да склучи трговски договори со десетици земји во рок од три месеци била премногу амбициозна. Иако администрацијата има развиено стратегија за фокусирање на околу десетина од најважните трговски партнери на земјата, Трамп сепак инсистираше на тоа дека договорите ќе се постигнат брзо.
„Во моментов имаме уште четири или пет договори. Имаме многу зделки на пат, а на крајот само ќе ги потпишеме останатите“, рече Трамп минатата недела.