Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека преговорите за ослободување на израелските заложници од страна на Хамас би можеле да траат неколку дена, пренесе „Бета“.
„Тие се во средината на преговорите во моментов. Тие започнаа преговори, ќе потрае неколку дена“, изјави американскиот претседател пред новинарите во Белата куќа.
„Ќе видиме како ќе заврши, но слушнав дека оди добро“, рече Трамп.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека бомбардирањето на Газа од страна на Израел треба да престане како дел од договорот за ослободување на заложниците што ги држи палестинското движење Хамас.
„Откако ќе се договори логистиката, мислам дека Израелците и сите други ќе разберат дека е невозможно да се ослободат заложници во средината на нападот, па затоа овие напади ќе мора да престанат“, изјави Рубио за американската телевизиска мрежа „Си-Би-Ес“.
Рубио додаде дека договор за тие логистички мерки мора да се постигне „многу брзо“.
Хамас во петокот изјави дека е подготвен да ги ослободи сите заложници како дел од планот на американскиот претседател Доналд Трамп, објавен на 29 септември, и веднаш да започне преговори за финализирање на деталите.